Најинтересните верувања во скиентологијата

Во 1950 година, Рон Л. Хабард ја напиша „Дијанетики: Модерна наука на менталното здравје“ – книга во која го опишува својот систем на психотерапија. Во следните четири години, книгата прерасна во движење, што пак прерасна во своја религија: Црквата на Скиентологијата.

Оттогаш, и особено во последните години, црквата е обвиткана во мрежа од контроверза, воглавно заради сомнителните методи на присилување, што вклучуваат следење, уцени и киднапирања.

Настрана методите, скиентолошката црква е контроверзна пред сé заради нејзините интересни верувања. Се разбира, ниту една религија не е втемелена врз науката и рациото, но имајќи ги предвид следните верувања, скиентологијата како да припаѓа во своја сопствена класа.

КСЕНУ

1768718[1]

Според Л. Рон Хабард, фундаменталниот креационистички мит звучи некако вака: Ксену (нарекуван и Ксему) некогаш бил владетел на Галактичката Конфедерација – древна организација од 76 планети. Тие 76 планети постоеле 20 милиони години, па се справувале со екстремна пренаселеност. Плашејќи се дека ќе биде отстранет од власта, Ксену собрал милијарди од неговите луѓе, ги смрзнал за да им ги зароби душите (тетани, thetans) и ги транспортирал на Земјата (тогаш викана Тигиак, Teegeeack) за елиминација. Ги фрлил на дното на вулканите и потоа ги уништил со серија од нуклеарни експлозии, убивајќи ги сите освен неколку, испраќајќи ги нивните души во воздухот. Штом се нашле во воздухот, овие души биле заробени од Ксену, кој тогаш во нив имплантирал лажни информации, вклучувајќи и концепти поврзани со денешните познати светски религии. Откако сето ова зло било спроведено, Ксену на крајот сепак бил заробен, а Галактичката Конфедерација ја оставила Земјата да биде обична планета-затвор…

На скиентолозите не им е дозволено да ја учат оваа приказна додека не стигнат одреден напреден ранк во нивната црква – што подразбира и трошење на илјадници долари за таа цел. Заради таквата вредност, скиентолошката црква недвосмислено го порекнува постоењето на оваа приказна пред новајлиите (членовите на ниски ранкови) и аутсајдерите.

ТЕТАНИ, ЕНГРАМИ И ПРОЧИСТУВАЊЕ

scientology-e-meter[1]
И-метар – своевиден примитивен скиентолошки детектор за лаги

Замрзнатите тетани на Ксену имаат и огромна понатамошна ролја во скиентолошките верувања. Имено, секој човек има свој сопствен тетан, а скиентолозите се стремат кон тоа да ги прочистат овие духови/спирити преку „аудитација“ (во буквален превод – верификација) и аудитациски сесии, сé додека не се стигне до степен на „Чистост“ („Clear“).

Тоа е една од централните пракси на скиентологоијата, во која тие што ја практикуваат се исчистени од негативните влијанија – наречени енграми, до степен на поившена спиритуална свест и пристап до неискористениот потенцијал. Скиентолошката црква тврди дека оваа процедура е 100% ефективна, под услов да се спроведе правилно и примателот искрено да посакува промена.

Од друга страна, добрата „околност“ за црквата е што аудитацијата е исто така многу многу скапа, а како некој подобро ќе докаже дека нешто посакува искрено отколку да е спремен тоа да го плати „ѓавол и пол“? Се проценува дека за да стигнете до степенот на „Чистост“, ќе ве чини вкупно околу 128.000 долари.

ОТ

13p-4[1]
Кога си 8 ниво ОТ, ја добиваш нараквицава

Откако ќе стане „Чист“ и ќе научи како во целост да ги користи и контролира способностите својствени за сите тетани, практикантот станува познат како Оперативен Тетан (Operating Thetan) т.е. „ОТ“. Според скиентологијата, ОТ-јата не се ограничени од физичката форма на физичкиот универзум. Самата црква вели: „ОТ е состојба на спиритуална свест во која индивидуата е способна да се контролира самата себе и нејзината околина“.

Почнувајќи од таму, постојат многу нивоа, а секое од нив ветува поголемо и поголемо знаење и моќи. Патем, чини и сé повеќе и повеќе пари за истото да се добие. На ниво 3, на пример, ОТ-јата добиваат право да ја слушнат горенаведената приказна за Ксену.

ЕМОЦИОНАЛНА ТОНОВА СКАЛА

scientology-beliefs-tone-scale[1]

Според официјалната скиентолошка доктрина, читањето (проценувањето) и реагирањето кон другите луѓе е клучот за тоа да се биде успешен. Тоа и не е така чудно тврдење, но скиентологијата смета дека повеќето луѓе едноставно не се добри во тоа да ја поврзат видливата надворешна емоција со нејзината вистинска внатрешна емоција.

Создадена со цел да ја „извади мистеријата од човековото однесување“, тоновата скала ги учи скиентолозите како да ги читаат луѓето и да го понудат соодветниот емотивен одговор.

Скалата се движи од -40 до 40. Колку повисоко си на скалата, толку подобро. Скор од 40 е опишан како „Мир и јасност на постоењето“. 1.1 се смета за Covert Hostility (прикриено непријателство) т.е. по нашки – правење лице и лажно смешкање додека се кова непријателски план, и означува некого на кого не може да му се верува. ПС. Ако не веруваш во скиентологоијата, ти си 1.1.

И бидејќи скиентологијата, наводно изградена врз љубов и прифаќање, вклучува и хомофобична доктрина, тоновата скала исто така е поврзана и со сексуалната ориентација. Ако некој е геј, тој автоматски спаѓа во категоријата на „прикриено непријателство“ и може да напредува само преку хетеросексуално и спиритуално воздигнување, се разбира, преку аудитација.

СЕ СЕЌАВАМ КОГА БЕВ ШКОЛКА

scientology-clams[1]

Во книгата на Л. Рон Хабард – „Скиентологија: Историјата на човекот“, тој навлегува во длабоки описи од инциденти во нашите минати животи. Бидејќи тетаните се вечни ентитети, имаат минати животи во кои со текот на времето имаат доживеано доста трауми. Како резултат, луѓето денес имаат потсвесни спомени од секој минат живот – кога биле школки, атоми, клетки во процесот на митоза, рани фотосинтетични организми или мрзливци (се мисли на животните), меѓу другото.

Школката е добар пример. Хабард тврди дека зглобовите на школката во крајна смисла ќе станат и зглобови на човечката вилица, и дека будењето на школкастото минато може да има многу реален ефект врз денешниот човек. Во книгата, Хабард тврди дека ако при разговор со некој „неинициран“ (аутсајдер), му опишеш смрт (без тоа јасно да го нагласиш) на школка и го имитираш нејзиното брзо отворање и затворање со дланката, тоа ќе предизвика силна вознемиреност кај слушателот и ќе го натера инстинктивно да се фати за вилицата, и дека тој потоа ќе расправа дали школката останала отворена или затворена, и ќе ја нарече „кутра школка“ и емоционално ќе биде прилично тажен, без разлика што не знае за аспектот на смртта во муабетот.

„Дискусија за овие инциденти со неиницираните во скиентологијата може да предизвика хаос“, ќе појасни Хабард. „Ако на некого му ја опишеш ‘школката’, можеш во него да ја рестимулираш до степен на силна болка во вилиците. Една таква жртва, откако слушна за смртта на школката, не можеше да ги користи вилиците цели три дена“.

Од каде потекнува ова со школкава? Некои тврдат дека теоријата се родила кога Хабард го наранил својот син со амфетамини, предизвикувајќи го со тоа да дрдори без престан на разни теми, вклучувајќи го и неговиот претходен живот како школка.

Како и да, многу од верувањата на скиентолозите звучат како да настанале баш на истиот начин.

- Реклама -