Женичката што го упропасти Исус

ecce-homo-dont-want

До пред неколку години, некој да речеше дека  малото градче Борха во северна Шпанија, со неговите 5000 жители, ќе стане мини-центар на меѓународните туристички рути, ќе го направеа будала. А сега, ете, луѓе доаѓаат од сите краеви на светот. Од 2012 година, градчето го посетиле повеќе од 150.000 туристи. Во меѓувреме, местото стана инспирација дури и за една оперска комедија и филм, а Sky Arts сними и документарец посветен на неговата историја. Од каде таков ненадеен интерес?

Борха е дом на едно од најпознатите уметнички дела. Ecce Homo е фреска на Исус, насликана на ѕидот на црквата од Елиас Гарсија Мартинез во 1930 година. Од аспект на популарност, фреската никогаш не стана Мона Лиза на градот, сé до моментот кога една добронамерна 82-годишна жена одлучи да ја обнови. Резултатот е опишан како „најлошата реставрација во историјата“. Сесилија Хименез, која се обиде да ја освежи фреската, некако успеа да ја претвори во нешто што наликува на влакнест мајмун и е мета на подбив на Интернет (види насловна).

jesus-christ-fresco[1]Сесилија е жена што своето прибежиште од тешкиот живот често го наоѓа во црквата. Животот ја оставил вдовица со два сина инвалиди, од кои едниот подоцна умира. Таа била и страствен сликар на пејзажи, а прилично голем интерес негувала и кон фреските, па и било тешко да гледа како солта и влагата довеле до лупење на оригиналната боја на Ecce Homo. Сесилија се грижеше за неа со години, а во 2012-та сериозно се нафати на нејзино обновување, и тоа со благослов од свештеникот.

„Мислев дека знам како да ја обновам“, објаснува таа во документарниот филм. „Но, бојата се растече“.

Се работи за непромислена несреќа. Работата трае подолго од очекуваното, па некаде на средина од процесот, Сесилија заминува на одмор. Ја остава недовршена, а во меѓувреме исчезнува секаква можност за фреската да биде поправена.

Сликите од чудната реставрација станаа сензација на Интернет и ја оставија Сесилија тотално потиштена. До ден денес ја иритира фактот што кога сторијата се рашири во светот, таа беше претставена како старица која нема поим од уметност.

„Новинарите му раскажаа на светот за една стара жена која не знае да слика и уништува една монументална фреска. Тоа не е точно. Ако не бев јас, сликата веројатно одамна ќе беше исчезната“, протестира Сесилија.

Згора на тоа, грешката ја вметна и во срцето на правен кошмар, бидејќи семејството на оригиналниот уметник повика да се обнови неговата поранешна слава и ги оспорува авторските права.

freska[1]
Пропаста на Ecce Homo

Од целата приказна има само едно добро нешто – името на градчето Борха почнува да се појавува во весниците ширум светот, а цели толпи туристи се упатуваат да го посетат. На почетокот, црквата поставува карта на светот, со намера туристите со игла да ги означат своите родни места. Мапата се исполнува за помалку од еден ден, по што е поставена уште една, па уште една… По првиот исцрпувачки месец, црковниот одбор воведува влезници. Редиците пред црквата стануваат честа глетка, а Ryanair пушти и специјален лет до блиската Сарагоса. Не беше потребно многу време луѓето од Борха да сфатат дека „новата“ Ecce Homo прави повеќе за градот отколку што оригиналот некогаш направил. Почнуваат да се продаваат маици со скандалозниот реставриран изглед, а од Сесилија дури е побарано и да направи своја изложба – нешто што отсекогаш и било сон.

Откако туризмот донесе значително добри приходи, судот мораше да се произнесе кој да ги добие. На крајот, со судска одлука, ги поделија болницата која управува со црквата и Сесилија.

- Реклама -