Петти гол по ред на Пандев (видео)

Горан Пандев уште еднаш демонстрираше дека се наоѓа во фантастична сезона во овој подготвителен период, откако и на петтиот контролен меч во низа на Наполи успеа да се запише во листата на стрелци.

Најдобриот македонски фудбалер беше во елемент и на вечерашниот дуел со Бордо, на којшто со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го отвори резултатот и ја најави победата на „Наполитанците“ од 2:0.

Фантастичната серија на Пандев почна со дуелот со аматерите од Трентино, коишто беа декласирани со 9:0, а Македонецот постигна еден погодок. Следеше гол во пресметката со Баерн Минхен (3:2), а нашиот капитен беше прецизен од пенал и при триумфот од 3:0 над Гросето.

„Наполитанците“ на домашен терен го совладаа Баер Леверкузен со 2:1, дуел во којшто победничкиот гол беше дело токму на македноскиот ас, кој во ист стил продолжи и синоќа, со погодокот против Бордо. Затоа, не е никакво изненадување што Пандев е еден од главните адути на „Наполитанците“ на претстојниот меч од Супер купот на Италија против Јувентус, како и севкупно во новата натпреварувачка сезона.

{youtube}mZjHaX_ZZzU{/youtube}

„Пандев одигра уште еден одличен меч, но тоа не е ништо ново за него. Во италијанскиот фудбал нема многу играчи како Пандев и ние дефинитивно сме пресреќни што го имаме во нашиот клуб“ задоволно изјави тренерот Валтер Мацари по вечерашната победа над Бордо.

- Реклама -