КАДЕ ЗАМИНАВТЕ, ДРУГАРЧИЊА МОИ?

Седам у една прчвара и локам некој лут пијалок. Две маси лево и десно од мене, нема ќоро пиле. Конобарката чисти чаши а коктел мајсторот жонглира со флашите и чашите. Користи некои странцизми у спиката, џанам ги научил тоа форите шанкерски некаде далеку од родната вукојебина. За кој кур ни се намалуваат друштвата? Каде се луѓето од градот? Екипите на пијандури и шетачи низ градов се разретчени као сириска пешадија која јуриша на Дамаск. Скопје се празни као Чернобил после хаваријата, а забот на времето ги гриза старите градби во старите маала. Некои нови видови на мангуплуци, некои нови куртизани ги газат улиците скопски. Барем привремено. Додека и тие не извадат иселеничка и фатат некаде џаде преку океан. Као птици преселници. Само шо овие преселници нема никад да се вратат на топлиот Југ.

У мое маало некад бевме 2-30 другари. Игравме фудбал,праевме седенки, заедно гледавме и навивавме коа игра Македонија, праевме домашни забави и ги собиравме сите жени од градов. Денес екипата е мртва. Најголем дел од нив веќе имаат деца по светов кои не го разбираат нашиов јазик. Ќе дојдат тука преку лето, ќе скршат некој носталгичен муабет и толку. Имаат забораено дури и ракија да пијат. Е ова е приказната од стотиците маала низ градов Скопје а и низ другите градови и помали места у државава. У секое маало фалат по 15-20 луѓе, кои се некаде далеку од својот роден крај. Сликите од детството се сведоштво на една изгубена генерација, која се раштрка по белиот свет, ко да сме имале десетгодишна граѓанска војна. Ние војна сме немале, али ефектите по нашиов народ се исти. Мамата у пичка да ви ја ебам на вас моќниците и буржоазијата, што го прогони моето друштво далеку по светот.

Моите стари другари се паметни деца. Растени се на улица со сите мангупски школи. Е тие мангупи, не прифаќаат да рмбаат за 150 евра, дипломата да им биде деградирана од курождери и курождерки. Не секаат својата мизерна плата да ја чекаат со месеци и у своја зрела возраст да бараат и молат од мама и тато. Тие мангупи не сакаат залудно да го трошат својот потенцијал у место кое што не сака да вложува у младината. Тие мангупи, навреме сконтале дека со платата у Македонија, ти требаат најмалку два живота рмбање за да купиш свој дом. Живот на кредит, за 10 дена у месецот. Работа за ситнеж каде на својот скржав газда не смееш да му побараш ниту слободен ден! Тие мангупи не сакаат да го проебат својот живот во општество каде што не се цени трудот, честа и моралот. Веројатно тука лежи одговорот, зашто околу 80 000 млади луѓе, ја напуштиле Македонија во 2015 година а уште 100 000 се очекува да ја напуштат во 2016.

Џабе продааање приказни и џабе распуцавања на леви и десни! Ние не сме ништо поразлични од оние мигранти кои сакаат да му ја здувнат накај Европа. Разделените семејства, разделените друштва ќе фатат пат на сите 4 страни од светот, додека тука кај нас, народот старее. По улици, по банки и продавници се повеќе стари фаци. Каде се младите? Ќе ви текне ли да го акнете алармот пред конечно овој народ и биолошки да изумре? Ќе почне ли конечно некој, да ги цени своите деца? Оние кои што се родиле и заплакале прв пат на оваа почва?
У текстов сакам и да го спомнам другар ми Тане, под псевдоним Богдан. Помина бааги време откако Тане му ја спичи у Енглеска. Не сме се виделе доволно време за он да стане витез, а ја да почнам да думам да фатам фитиљ од овде…Или да почекам. Да и дадам шанса на оваа моја разнебитена мајка која сеуште ја осеќам за своја?

НАПИША: БУЛЕВАРКО (остаток од едно убаво и весело друштво, кое сеуште под шанкојте бара остатоци од чоек, за една ебана здравица)

- Реклама -