Внимателно во новата учебна година

Почетокот на септември традиционално го означува стартот на новата учебна година, која наметнува многу прашања, но она на што Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата укажува се децата и нивната сигурност на улицата, патиштата…

 

Статистичките податоци укажуваат на фактот дека бројот на загинати деца во сообраќајни незгоди е недозволиво висок и дека учеството на децата во вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди покажува тренд на зголемување, што ја наметнува потребата за преземање на соодветни мерки за поголема безбедност на децата во сообраќајот.

За таа цел РСБСП укажува на неколку корисни факти, совети и состојби: местата каде се одвива сообраќајот, не се места за играње; децата не смееат да истрчуваат зад паркираните или запрени возила, затоа што возачите не можат да ги забележат; децата секогаш се движат по тротоар и што е можно подалеку од улица; на улици без тротоари децата секогаш треба да се движат по левата страна и задолжително во колона, доколку се движат во група; улицата секогаш треба да се преминува на пешачки премин и само на зелен пешачки семафор. Задолжително пред да се помине улицата да се погледне лево и десно.

Како да ги заштитиме децата во сообраќајот?

Родители, во вас е најголемата одговорност. Без оглед на фактот дека децата се едуцираат за безбедно учество во сообраќајот уште во предучилишни
институции, и понатаму продолжуваат и во основните училишта, улогата на родителите е најважна и незаменлива. Во рамките на подготовката на децата за училишната година потребно е на детето да му се покаже најбезбедниот и најкраткиот пат од дома до училиште и обратно. Да се објаснат основните сообраќајни правила и посебно да се укажа на потенцијалните опасни места и опасни ситуации. Доколку го носите вашето дете во училиште со автомобил секогаш користете детско седиште, сигурносен појас и никогаш не го превезувајте вашето дете на предното седиште. Секогаш пред училиште пречекувајте ги вашите деца во училишниот двор а не преку улицата. Личниот пример, кој секојдневно им го демонстрирате на децата во сообраќајот односно однесувањето на возрасните во сообраќајот, претставува многу важна сообраќајно – воспитна компонента која секојдневно им ја нудиме на децата кои како наши почитувачи безрезервно ја прифааќаат и применуваат.

Да внимаваме на децата во сообраќајот затоа што нивната безбедност во сообраќајот е наша одговорност!

- Реклама -