Тинејџери создадоа иновативна квака што убива 99.8% од бактериите

Двајца тинејџери од Хонконг измислија продукт што ќе го револуционизира светот на хигиената и контрола на инфекциите. Тие создадоа рачка за врата што инстантно ги уништува вирусите и бактериите, секогаш кога е допрена од човечка рака.

Веќе одамна знаеме дека секојдневните објекти, како кваките, оградите на скалите, рачките на количките за купување и сл. се здрава подлога за размножување и развој на милиони бактерии, а со тоа и ефикасно средство за пренесување на секакви болести од човек на човек. Имајќи го ова во предвид, двајцата тинејџери (17 и 19 години) решиле да ја истражат можноста за самодезинфицирачка површина што би останала константно стерилна.

Па така, Симон и Мајкл, по долго истражување, заклучиле дека титаниум-диоксидот е супер-убиец на бактерии, кој потоа го издробиле во многу фин прав кој го искористиле како тенка облога за кваката. Исто така откриле и дека титаниум-диоксидот е многу поефикасен кога е изложен на ултравиолетови зраци, што значело дека нивниот следен чекор е да создадат енергетски ефикасен вештачки извор на УВ светлина.

sanitizing-doorhandle2-550x350[1]

Така го добиваме револуционерниот краен резултат –  рачка за врата во форма на стаклен цилиндер, сместен меѓу два метални краја. Во едниот од нив има LED светилка што емитира УВ светлина, напојувана од еден вид на динамо сместено во самата врата. Динамото го конвертира секое движење на вратата во електрична енергија потребна за работењето на диодата, па така не се потребни надворешни извори на енергија. Заклучно, секогаш кога некој ќе ја допре рачката за да ја отвори вратата, LED светилката се вклучува и го активира титаниум-диоксидот, инстантно убивајќи ги сите бактерии пренесени преку контактот.

Лабораториските тестови покажаа иновацијата на Симон и Мајкл има ефикасност од 99.8 проценти во убивањето на бактериите, што е одлично со оглед на малата цена за производство – 13 долари. Кваката доби одличен прием на секој од научните саеми и семинари каде што беше претставена, па веројатно наскоро ќе стане дел и од нашето секојдневие.

- Реклама -