Пролетна „генералка“

Еден од најголемите проблеми на луѓето денес е стресот. И тој не е поврзан само со работата. Прв, важен чекор кон тоа да живеете без стрес е да имате мирна атмосфера дома.

Важно е да поседуваме личен простор, што ќе биде удобен и насочен кон одмор. За домот е важно не само да биде чист, туку и да има модерен мебел и апарати.

Пред да започнеме со пролетното чистење, да размислиме за пролетно уредување, кое го вклучува и тоа да ги исфрлиме сите непотребни работи. Мислите дека немате такви? Размислете повторно. Експертите советуваат веднаш да ги исфрлите од дома следниве нешта:

Стари весници и списанија

Сигурни сме дека насекаде низ вашиот дом има нафрлано списанија и весници што не ви се потребни. Нема да ги прочитате повторно, а кога последен пат сте завиткале нешто во весникот?

Сметки

Убаво е човек да ги чува овие работи, но не повеќе од една година, максимум две. Ако чепкате по орманот, ќе се судрите со стотици парчиња хартија, од кои што сигурно немате потреба.

Облека

Знаеме дека не сакате да фрлите облека која што не е искината и дека имате спомени со нив, но тоа е единствениот начин да го уредите вашиот орман. Применете го правилото на двете години. Ако не сте облекле нешто 2 години, најверојатно никогаш повеќе нема да го облечете. Подобро е да направите место за нешто ново во својата гардероба. Старата облека која изгледа сочувано, секогаш можете да ја донирате.

Лекови и витамини

Редовно проверувајте го орманот со лекови. Тие имаат рок на траење, што често го забораваме.

Козметика и парфеми

Козметиката исто така има рок на траење кој дамите често го занемаруваат, но тоа не е добро за здравјето и кожата.

Храна

Не само во фрижидерот, туку и на дното на полиците во кујната лежат одамна заборавените производи, од кои треба да се ослободиме.

Спомени

Оваа точка е малку контроверзна. Некои луѓе советуваат да се исфрлат картичките и сувенирите кои немаат посебна вредност. Други сметаат дека по 10 години би се радувале да прочитаат честитка од некој човек. Можеби е подобро да се ограничите на една кутија со слични нешта?

Стара електроника

Многу луѓе имаат дома апарати, кои никогаш не ги користат, но не се откажуваат од тоа да ги поседуваат. Размислете што ви е потребно.

За крај, пуштете добра музика, отворете ги прозорците и фатете се за работа 🙂

- Реклама -