Несогласувањата на астрономите не стивнуваат: „Опасно е да праќаме пораки до вонземјани!“

По скорешно објавениот план на научниците да пратат радио сигнали со порака за вонземјаните, меѓу експертите се разгоре вистински пожар од несогласувања. Имено, дел од нив сметаат дека таквиот потег би можел да биде погубен за човештвото.

Водечките научници кои се дел од 50-години старата SETI (Search for Extraterrestrial Intelligence) програма, која користи радио телескопи кои „пасивно“ ловат неприродни сигнали од вселената, предложија „активен“ облик на истражување на космосот, наречен METI (Messages to Extraterrestial Intelligence), т.е. нова вселенска истражувачка програма што ќе се темели на испраќање на пораки од Земјата до потенцијално постоечките вонземјани.

Според оваа програма, би се испраќале сигнали кон деловите од галаксијата каде има слични планети на Земјата, односно каде што постои шанса да има интелигентен живот. Листата на такви планети и ѕвездени системи секојдневно расте, благодарение на телескопот Kepler, кој веќе долго време работи на откривање на нови егзопланети.

И покрај тоа што оваа нова тактика веројатно би го забрзала процесот (под услов да постои интелигентен живот вон Земјата), критичарите сметаат дека таа ги нарушува основните правила врз почива SETI, во која главниот акцент е ставен на „слушање“, а не на испраќање на сигнали. Тие одат дотаму што застапниците на новата идеја ги нарекуваат „SETI ентузијасти на кои воопшто не им е грижа за мислењето на јавноста“ и „исфрустрирани“, заради тоа што нивната програма веќе 50 години не вродува со плод.

Научникот Дејвид Бирн вели: „Ако веќе ги доведуваме во опасност нашите деца и децата на нашите деца, разумно е прво да зборуваме за тоа“. Негов истомисленик и еден од најголемите критичари на METI е и Стивен Хокинг, кој уште од 2010-та предупредува на опасноста од контактот со супериорна вонземска цивилизација: „Замислете го сценариото кога Колумбо ја открил Америка. Американските домородци не поминаа баш најдобро“, објаснува Хокинг.

- Реклама -