Неверојатно: Лисица со глава од жена во пакистанската зоолошка

Ако некогаш ја посетите зоолошката градина во Карачи во Пакистан, ќе налетате на нешто неверојатно. Во еден од кафезите лежи лисица со глава од жена, или поточно, митолошкото суштество Мумтаз Бегум. Барем така тврдат вработените во зоолошката, како и голем дел од посетителите и локалните жители.

Неверојатното не е во целата работа со човечката глава, бидејќи познат факт е дека главата е на Мурад Али (33) кој е вработен за да ја игра таа улога по 12 часа дневно. Работната позиција ја наследил од неговиот татко. Неверојатното е што  ништо од ова не е препрека за жената-лисица да биде главна атракција на зоолошката и да привлекува повеќе народ отколку „обичните“ животни. Луѓето плаќаат по 10 центи за да можат да го посетат кафезот во кој се наоѓа Мумтаз, да си направат муабет со „суштеството“, како и да им ја открие судбината.

Директорот на зоолошката со задоволство раскажува дека жените и децата се најдобрите и најчести посетители. „Доаѓаат да ја видат и да зборуваат со неа. Тоа е како уметност, а Али е како актер во улога и ги забавува луѓето“.

- Реклама -