Здраворазумна критика за „Скопскиот фестивал“

Помина и тоа, сега можеме длабоко да воздивнеме и низ шега да се запрашаме „Што направивме“?

Да, штотуку ја „силувавме“ македонската музика, а потоа ја „убивме“ со умисла. Зборувам за Скопскиот фестивал и она што имавме можност да го видиме вчера.

Дваесет нови хитови, од кои што 15 ни ги уништија сетилата за слух.

Добро, ова звучи премногу грубо, но доказ за тоа се и коментарите по социјалните мрежи каде со секоја наредна песна сите прашуваа „Зошто“, „Што е со песниве“, „Да видиме кој ќе ја пее следната балада“?

Она што најмногу изненадува е критериумот на самите пејачи да прифаќаат секакви песни ( во конкретниот случај балади). Многу погрешно. Да речеме, одлучувате да си пуштите некој добар филм затоа што му верувате на актерот. Истото треба да е и со пејачите. Секоја чест за Тамара Тодевска, која влева доверба уште пред да започне да пее, со оглед на тоа што низ годините не се согласила да пее здодевна песна на музички фестивал.

Но, што е со останатите? Дали здодевноста ни е комфорт зона? Дали упорно ќе го следиме победникот од претходната Евровизија? Лани на Евровизија победи балада, годинава на Скопскиот фестивал речиси сите песни беа балади. Кога ќе победи брза песна, на Скопски фестивал сите се брзи. Ако победи електронска музика, на Скопски – сите пејачи ќе се трансформираат во денсери?

Пофалба за измените со гласање од страна на стручно жири, зашто интересно е да се види како низ европските земји, звучат песните, без познавање на актуелноста на пејачот или сите останати  фактори што создаваат субјективна слика.

Годинава победи Даниел Кајмакоски, останува да му посакаме среќа на Евровизија и да апелираме за поконкурентни  фестивали во иднина, затоа што вчерашниот беше далеку од светски.

Секогаш искрена, вашата ТРАЧАРКА.

- Реклама -