Знаете ли како изгледала „оригиналната“ лубеница?

Ако внимателно ја погледнете сликата погоре, ќе наидете на едно прилично чудно, а сепак познато овошје. Ако никогаш порано не сте го виделе, знајте дека не сте единствени. Сликата е дело на италијанскиот сликар од 17-от век – Џовани Станки, а лубеницата е насликана во периодот помеѓу 1645 и 1672, многу пред времето кога човештвото започна со создавање на нови видови кои засекогаш го променија овошјето.

Џејмс Нинхујс, професор по хортикултура на Универзитетот во Висконсин, обожава да ја користи сликата на Станки во своите предавања, со цел да ја покаже историјата на одгледување на културите.

„Забавно е да се посетуваат музеи на уметноста и да се гледаат слики на мртва природа, од кои можеме да видиме како изгледал зеленчукот пред 500 години”, вели професорот. Со оглед на тоа што е невозможно да се зачува оригиналниот плод преку толку долг временски период, професорот е во право кога вели дека ова е нашата единствена шанса да ѕирнеме во минатото.

watermelonthenandnow[1]

Инаку, лубеницата потекнува од Африка. По култивирањето, овошјето се вдомило во топлата клима на Блискиот Исток и Јужна Европа. Се претпоставува дека станала вообичаен производ на европските ниви и пазари околу 1600-тата година.

Старите лубеници, како онаа на сликата на Станки, веројатно имале прилично добар вкус. Во прилог на тоа, Нинхујс смета дека содржината на шеќер била прилично висока, со оглед на тоа што покрај што ги јаделе свежи, луѓето повремено ги ферментирале и во вино.

Едно е сигурно, „оригиналната“ лубеница била доста различна од оние денешните. Тоа се должи на фактот што со текот на времето, човекот почнал да одгледува и создава нови видови лубеници, преку што сме ја добиле светлоцрвената боја што ја препознаваме денес. Месестата внатрешност на лубеницата е  всушност пандан на плацента, чија улога е ги чува и храни семките. Пред целосно да се одомаши, плацентата на лубениците ја немала високата количина на ликопен, од кој всушност и произлегува црвената боја. За време на вековното припитомување, човекот ги модифицирал помалите лубеници со бела внатрешност во поголеми видови полни со ликопен, кои ги знаеме денес.

Но, бојата не е единствениот атрибут што сме го промениле кога се работи за лубениците. Во последно време, човештвото исто така експериментира и со сорти со помалку/без семе. Овој процес, Нинхујс нерадо го нарекува „логичка прогресија во припитомувањето”. Се чини дека идните генерации ќе мораат да се потпрат на  фотографиите и Интернетот за да разберат дека лубениците некогаш имале семки, исто како што ние сега мораме да се потпреме на ренесансните слики за да сфатиме дека во минатото лубениците биле мали и со бела средина.

- Реклама -