ТВ кич

Телевизијата е се уште најактуелниот медиум за информирање во Македонија.

Сите се обидуваат да дојдат до вистината, слушајќи вести на програмите, кои најчесто ја изопачуваат вистината, создавајќи свет полн со идеали или неосновани критики, зависно од политиката на медиумот и креаторите на нештата.

За среќа, тука е и интернетот, па листајќи низ купот од вести на владините и опозициските гласила, некаде помеѓу редовите можеме да ја насетиме вистината, иако истата е премногу комплексен поим, па тешко е да бидеме сигурни или целосно да веруваме во она што како информација ќе допре до нашите мозоци.

И ајде да ја тргнеме политиката на страна, под апсурдниот изговор дека „не постои објективно новинарство“ и дека секогаш некој влече интереси од убедувањето и тактиките за манипулација и да замислиме дека не постојат вести. Повторно ќе дојдеме до заклучокот дека телевизијата е  средство за постигнување на духовна досада . Започнувајќи од бесмислените емисии, турските серии, реалните шоуа, милионите избори за музички таленти, користењето на „одата на радоста“ како музички касичен избор за време на денови на жалост, повторно доаѓаме до заклучокот дека како народ сме заробени во синџир на интелектуално истоштување и перверзно понижување.

Културните емисии што промовираат надградба и основа, како и настаните, тв сериите, филмските остварувања кои се актуелни во светски рамки, кај нас стигнуваат после пет години, но што ќе ни се, кога и онака сме назад во речиси сите сфери? Зошто ни треба културна програма, кога никој не сака класична музика, поезија, историја на уметност или не дај боже балет, опера? Драги уредници на телевизиските куќи. Потребни ни се вакви програми, и тоа, многу, и не само во денови на жалост, бидејќи уметноста треба да се негува секој ден. Таа треба да инспирира и кога сакаме, и кога се радуваме, и кога сочувствуваме. Затоа што е неопходно барем идните генерации да се стекнат со некаква култура и да ги запознаат сите опции при одредувањето на нивниот иден правец. До тогаш Господ да ги благослови интернетот и пиратеријата, бидејќи без нив би тонеле во бездната на кичот, претворајќи се во глина и расположени да добиеме разни форми, по желба на креаторот.

И за крај како апел кон телевизиските медиуми еве еден Твит – „Да се воведе: Следува програма која може да ја вознемири интелигентната публика, тоа ни треба!“

1_1431015330

- Реклама -