Еден од починатите полицајци, бил поранешен фудбалер на Вардар

Во полициската акција против терористичката група, според последните информации,  животот го загубија осум полицајци, меѓу кои и поранешен фудбалер на неколку домашни прволигаши, Ненад Серафимовски.

Македонскиот фудбал засекогаш останува да се сеќава на момчето од вардаровите редови кое во периодот од 2005 до 2011 година беше активен партиципиент на домашната прволигашка сцена. Серафимовски, кој потекнува од Гостивар, мина низ младинските школи на Вардар за да една сезона настапува и во првиот тим на најтрофејниот македонски клуб и тоа во годините кога на Вардар, организациски и финансиски несреден, му беше најпотребна помошта од секој поединец. Во својата кариера потоа настапуваше и за Работнички, Хоризонт Турново и Скопје, за да фудбалската кариера ја заврши во Милано од Куманово, по што се одлучи професионално да се активира како припадник на македонскиот безбедносен систем.

Ненад Серафимовски ќе биде погребан денеска во родното Зубовце, крај Гостивар, а на двата натпревари од фудбалскиот плеј-аут во Првата лига, кои почнуваат од 16:30 часот во Прилеп и во Турново, колегите фудбалери со едноминутно молчење ќе искажат почит за Серафимовски и за останатите припаднице на македонските безбедносни сили кои вчера ги оставија своите животи во Куманово.

Извор: Екипа.мк

- Реклама -