Дополнителна секунда ќе создаде проблеми на интернетот

На 30 јуни точно во 23:59:59 светските атомски часовници ќе направат една секунда пауза, пишува The Verge. Поточно, тие ќе поминат низ 23:59:60 пред да покажат 00:00:00 часа на 1 јули. Целта на додавањето на една секунда, најавено од Париската опсерваторија, е синхронизација на земјишните часовници со астрономското време. Во тој случај треба да се компензира забавувањето на ротацијата на Земјата.

Тоа сепак ќе биде проблем за компјутерските инженери, бидејќи се нарушува синхронизацијата помеѓу компјутерските и атомските часовници.

Првото додавање на секунда е направено во 1972 година, а овогодинешното ќе биде 26-то по ред и веројатно ќе претстојат уште. Случаите кога може да се наметне додавање на секунда се непредвидливи – земјотреси, плима, климатски феномени, а сите тие влијаат на ротацијата на Земјата.

При последното додавање на секунда во 2012 година, повеќе сајтови претрпеа потешкотии, а некои се урнаа, кога додадената секунда се појави неочекувано. Тешко е да се предвиди каде во програмските кодови ќе настане проблем и компаниите бараат свои сопствени решенија.

Инженерот на Гугл,  Кристофер Паско објаснува дека е најлесно да се врати часовникот со една секунда назад на крајот на денот, но тоа може да предизвика нови проблеми.

„Што се случува со записите во текот на оваа секунда? Дали ќе се зачуваат дојдовните пораки правилно “, вели Паско. Одлуката на Гугл е да ја раздели дополнителната секунда на милисекунди и потоа да ги расфрли овие минијатурни делчиња од времето во системот по случаен избор за време во денот.

„Тоа значи дека кога ќе дојде време да се додаде секундата на полноќ, нашите часовници веќе ќе го имаат поминато тоа време постепено во рамките на денот”, посочува Паско.

Не секоја компанија сепак има инженерски ресурс да најде и да примени сопствено решение, а тоа значи дека на крајот на 30 јуни можат да се очекуваат хаварии. Според информации на The Telegraph некои кругови во САД сметаат дека додавањето на секунда треба да престане да се прави еднаш засекогаш.

- Реклама -