Србија неизмерно благодарна на Македонија: Тргна конвојот за помош за Србија

Денес од Скопје во 11 часот тргна конвојот од македонската хуманитарна помош за поплавените предели во Србија, а утре вечер ќе тргне и камион за Босна.

До сега кај нас се собрани 120.000 евра помош за жртвите од поплавите, а Црвениот крст најави продолжение на акциите и во наредните денови.

На пунктовите за собирање на помош се најдоа 20 тони прехрамбени производи, десет тона хигиенски средства и 60.000 литри вода, како и тон храна за бебиња и три тони млеко.

Покрај тоа собрани се и донации од десет тони облека и 1000 пара чевли.

Овие количини беа собрани до вчера попладнето, а преку телефонските броеви за донации собрани беа 3,7 милиони денари или 60.000 евра, а до сега таа бројка се дуплираше.

Саит Саити, генералниот секретар на Црвен Крст, изјави дека акцијата ќе продолжи и во наредните денови и додал дека очекува поголем одзив на фирмите и големите компании, затоа што до сега помошта била во главно индивидуална.

- Реклама -