Ручајте со семејството: Вистинските бенефити од заедничката трпеза

Американскиот претседател Роналд Реган еднаш рече: „Секоја голема промена започнува на семејната трпеза. Затоа, утревечер, во кујната, очекувам разговорите да започнат“. Тој не е единствениот кој активно ја промовирал семејната блискост во кујната. Дури и претседателот Барак Обама, секојдневно, наоѓа време да руча со својата сопруга и децата. И покрај дипломатските обврски, ручекот со семејството е приоритет.

Па, ако може претседателот на САД, можете и вие. Презафатеноста е излитен изговор.

Така, семејните ручеци не треба да се сведуваат само на празниците. Тие всушност имаат цел репертоар на бенефити надвор од самиот чин на јадење, а науката е тука за да ги потврди.
Студиите покажале дека заедничките семејни оброци се асоцираат со намалување на депресијата, намалена злоупотреба на супстанци и помала застапеност на деликвенција, особено кај семејствата со адолесценти. „Подај го лебот“ може да е поефикасно оружје во борбата да се изведат децата на вистинскиот пат од било какви кампањи и лекции. Дури и да немате деца, оброците со оние кои ви значат можат значително да ја подобрат блискоста.

Објаснувањето лежи во тоа што оброците ви пружаат можност за непречена и директна комуникација, без дистракции или скриени интереси. Иако заклучоците од најновите студии покажуваат дека токму цврстите семејни врски придонесуваат за почести заеднички ручеци и вечери, а не обратно, едно нешто останува сигурно: актот на јадење заедно со семејството ја намалува депресијата кај адолесцентите.

Па, ако не посветувавте доволно внимание на овој аспект од блискоста со оние што ги сакате, Велигден е одлична шанса тоа да го промените. Поделете ја трпезата и изградете позитивна семејна култура, забавете го темпото, зацементирајте ги вредностите, создадете атмосфера на поддршка и креирајте врски на длабока блискост со најмилите.

- Реклама -