Македонија со скок од 21 место на ФИФА ранг листата

Македонската репрезентација е меѓу пет национални тимови со најголемо подобрување на својот рејтинг на најновата ФИФА ранг листа објавена денеска.

Победата над Србија од 1:0 во квалификациите за СП 2014 ни донесе напредок од 21 позиција, па во ноември Македонија ќе биде на 83. место на листата во друштво на селекцијата на Ерменија која назадуваше за 18 позиции.

Нашата репрезентација сега има 431 бод во пресрет на пријателскиот натпревар со Словенија кој го играме на 14 ноември во Скопје.

Македонија е со најголем скок од селекциите кои се меѓу првите 100 на ранг листата, додека најголемо назадување имаат Конго, Кипар и Ерменија.

Од селекциите кои се во нашата квалификациска група најдобра е Хрватска на 10.место, додека најголем пад имаше Шкотска, назадувајќи 14 позиции и сега е на 70. место. По девет места назадуваа и Србија (сега е на 42. место) и репрезентацијата на Велс која во ноември ќе биде на 66. место.

Белгија по одличните резултати отиде напред за десет позиции, на 20. место на ФИФА листата.

На врвот нема промени, Шпанија е пред Германија, а понатаму следат Аргентина, Португалија, Италија, Англија и Холандија.

- Реклама -