Денвер со прва победа, Оклахома убедливи

Денот кога САД бираше свој претседател одиграни се само три натпревари во НБА лигата, и во сите три славеа домаќините.

Оклахома од самиот старт демонстрираше сила против Торонто покажувајќи дека е голем фаворит на дуелот. Уште во првата четвртина создаде предност од 30:17 за во продолжението лесно да ја одржува разликата до конечните 108:88.

Во победничката екипа дури 11 кошаркари се запишаа во листата на стрелците. Расел Вестбрук постигна 19 поени, Ибака 17, а Кевин Дурант и Кевин Мартин по 15 поени.

Чикаго со доста мака му го нанесе првиот пораз на Орландо од 99:93. Клучна беше серијата од 15:2 на крајот од третата и почетокот на четвртата четвртина. Луол Денг постигна 22 поени за Булс, дополнето со осум скокови, Јоаким Ноа запиша 20 поени.

Денвер ја забележа првата победа совладувајќи го веројатно најслабиот тим во лигата, Детроит со 109:97 кој го доживеа четвртиот едноподруго пораз.

Андре Игудала постигна 17 поени за победниците, додека Џавал Меки забележа 16 поени, а Тај Лосон и Кевин Фарди по 15 поени. Во редовите на Детроит блескаше центарот Грег Монро со 27 постигнати поени и 10 скока, но и тоа беше недоволно да се избегне поразот.

- Реклама -