Објаснето секое возило од колоната на американскиот претседател

Да се пренесе американскиот претседател од едно место на друго е вистински кошмар, и од аспект  на логистика, и од аспект на финансии. Од два успешни атентати врз американските претседатели, двата се извршени додека претседателот патувал со авотмобил. Па така, се смета дека претседателот е најизложен и најранлив токму додека патува, па оттаму и неговата моторизирана безбедносна придружба е веројатно најсофистицираната форма на транспорт.

Од аспект на финансии се сведува на трошок од 2.614 долари по минута транспорт. Од логистички аспект, потребни се 40-50 возила, и над 100 луѓе.

Прва е таканаречената „route car“, следена од 20-30 полициски мотори. Нив обично не ги гледате, зашто поминуваат околу 5 минути пред колоната. Имаат задача да го исчистат патот и да ги блокираат сите влезови на автопатот. Кога се работи за градски средини, обично возат напред во формација на обратно V (како стрела), потиснувајќи ги автомобилите на страна, отварајќи коридор по средината.

Првото „видливо“ возило од колоната е таканаречената „lead car“, која ја предводи колоната. Често се работи за полициски мотор.

Целата прва половина на претседателската колона е организирана од локалните полиции, а не од тајната служба. Колку помалку автомобили и персонал на тајната служба е потребен – толку подобро, и поевтино. Во спротивно, сите тие би требало да патуваат до секое место каде што ќе оди претседателот, и тоа порано од него.

Главниот дел, најважниот, јадрото на колоната, е наречено „secure package“. Тоа се автомобилите кои директно го обезбедуваат претседателот. Во случај на напад, оваа група може да се оддели од колоната и да функционира како самостојна единица.

Најважниот дел од „безбедносниот пакет“ е претседателската лимузина. Или подобро речено, лимузини. Секогаш ги има две, и секогаш се идентични. Дури имаат и исти регистарски таблички. Така, никој не може да знае во која точно лимузина се вози претседателот, ниту пак некој може да му дојави во која лимузина влегол – на потенцијалниот напаѓач.

А самите лимузини се далеку од обични. Имаат блиндирани  стакла дебели по 5 инчи, целосно се отпорни на куршуми, а се и херметички затворени – за во случај на хемиски напад. Прозорците не се отвараат, освен тој на возачот, и тоа за да плаќа патарини (чекај малце, плаќаат патарини?!). А во лимузината има рачни минофрлачи, night vision оптики за ноќно гледање, топ за солзавец, сачмарки, боци со кислород и две боци со крв од крвната група на претседателот.

Колата што го предводи „безбедносниот пакет“ е џип кој има задача да ги расипе сите далечинско-активирани експлозиви долж рутата. Ќе ја познаете по двете големи антени на кровот, кои испраќаат огромен распон на радио-фреквенции, кои го блокираат секој сигнал за активација на бомба.

Што се однесува до двете „куполи“ на кровот, тоа се практично радари што детектираат испалени ракети или противтенковски проектили. Ако детектира такви, возилото веројатно ќе испали и активира добра доза на димни и топлотни бомби врз целиот „безбедносен пакет“, со што би се избегнал проектилот. Сепак, сé е ова строго доверливо, па ова се само шпекулации.

Дел од „пакетот“ е и „контролната кола“. Го носи најклучниот персонал, како воениот помошник и докторот на претседателот. Во случај на напад, и двајцата му се од огромна потреба, па затоа и ќе се одделат од колоната заедно со другите возила од пакетот.

Последните две возила од „пакетот“ се полни со агенти на тајните служби. Во едниот џип – поблискиот до лимузините, наречен „halfback“, се агентите од личното обезбедување на претседателот, тие што секогаш се до него. Вториот џип е „CAT car“ (CAT =  Counter Assault Team). И двата лесно ќе ги познаете по отворените гепеци. Тоа е така затоа што агентите во нив седат вооружени со автоматско оружје и на готовс. Ако успеете да ѕирнете внатре, противнапаѓачкиот тим ќе го познаете по црните борбени униформи, а обезбедувањето по сакоата и вратоврските.

Во случај на напад, овие вториве се задолжени за заштита и евакуација на претседателот. CAT тимот обично останува да се бори, да го неутрализира и да го задржува напаѓачот.

Двете обични, најчесто бели комбиња зад „безбедносниот пакет“, се комбињата со личниот прес на претседателот. Зад нив е таканаречената „ID car“. Тајните агенти што се возат во неа се задолжени за комуникација со надгледувачките тимови (снајперисти на крововите, да речеме) поставени долж рутата, кои превентивно предупредуваат на опасност.

Тука некаде е и црниот камион наречен „Hazardous Materials Mitigation Unit“. Опремен е со персонал и опрема кои можат да идентификуваат и да одговорат на хемиски, нуклеарен или биолошки напад врз колоната.

Зад него обично ќе видите уште по некое комбе со новинари, а полициските мотори што ги претекнуваат од страните се тие што претходно ги блокираа влезовите на автопатот додека да помине колоната, а сега брзаат да ги блокираат и тие напред долж рутата.

Тука некаде е и возилото наречено „Roadrunner“, кое ќе го познаете по бројните антени на кровот. Служи како мобилен комуникациски центар, кој преку сателитска и интернет комуникација ја поврзува колоната со надворешниот свет.

Зад нив секогаш вози и по едно обично амбулантно возило. Како и полицајците што го расчистуваат патот, и ова е обезбедено од локалните итни служби, а таму е за во случај на повреда на било кој член од колоната.

Зад амбулантата, и последното возило во групата, е таканаречената „Support Car“, која носи засилување од уште една група агенти на тајната служба, како и клучен персонал.

Последните три полициски автомобили, кои се движат малку зад колоната, се таму за да се осигураат дека сега – кога влезовите на автопатот се повторно отворени, никој нема да ја стигне и да се приклучи на колоната одзади, или евентуално да ја нападне (иако за такво нешто веќе би било доцна).

И уште еднаш, ова е стандардната конфигурација на колоната. Во разни услови се користи и различна конфигурација. На пример, кога Обама го посети Ирак во 2009-тата, тој беше транспортиран во конвој предводен од воени Хамери. Зад нив одеа неколку идентични џипови, без да се знае во кој точно е претседателот. Секој од нив опремен со понапредна анти-ракетна антена.

Колку и да изгледаат безбедно, копнените колони не им се омилени на тајните служби. Кај нив останува да важи правилото: „Претседателот е најизложен кога се вози на копно“. Затоа, ваквиот превоз се користи најчесто само за патувања што траат до 30 минути. За сé друго, тајните служби преферираат да го возат претседателот во воен хеликоптер, за кој се користи кодот „Marine One“ (не е еден конкретен хеликоптер, туку назив за секој хеликоптер во кој се превезува претседателот). Нормално, и Marine One никогаш не лета сам. Ама повеќе за тоа, како и за приватниот авион и најчестите рути на претседателот, во видеото (од 6:51).

На темата: Како колоната на јапонскиот премиер се вклучува на автопат

- Реклама -