Човекот што секој ден им носи вода и живот на животните во Кенија

Во спрженото парче земја наречено Tsavo West Национален Парк, во Кенија, нема посрдечно пречекуван гостин од „Водоносецот“.

Зборуваме за 41-годишниот Патрик Килонзо Мвалуа. Кога тлото ќе почне да се тресе под тркалата на неговиот камион полн со 3.000 галони свежа вода, слоновите, бафалата, антилопите и зебрите доаѓаат со трчање. Го познаваат по звукот на моторот. И по спасоносниот дар што им го носи.

„Овде воопшто нема вода, па животните зависат од луѓето“, вели Мвалуа за интернет порталот The Dodo. „Ако не им помогнеме, ќе умрат“.

Секој ден, Мвалуа вози со часови. Дестинацијата му се импровизираните поила, направени од бетон среде барут сувата земја. Често на самите „бунари“ им треба и чистење. Во таквите случаи, а кога нема време, Мвалуа ја истура водата во некоја од пукнатините на земјата, која тогаш служи како корито.

А животните доаѓаат веднаш. Повеќето не ни чекаат Мвалуа да замине. Без страв го опколуваат камионот уште додека тој го одвртува вентилот на цистерната.

„Минатата ноќ најдов 500 бафала како чекаат крај бунарот за вода. Кога пристигнав тие можеа да ја намирисаат водата. Беа многу нетрпеливи и ни се приближија. Почнаа да пијат уште додека стоев таму“, раскажува Патрик.

Мвалуа инаку е фармер и одгледува грашок во селото во кое и живее. До одлуката да им носи вода на животните дошол кога со свои очи ги видел суровите ефекти од климатските промени врз неговиот роден крај. Во последната година, вели, областа се соочила со многу малку снег и дождови, оставајќи ја земјата сува, а животните да умираат од жед.

„Не добиваме дождови како што добивавме порано. Од лани, од јуни, воопшто нема дожд. Па почнав да им давам вода на животните, бидејќи – помислив – ако не го правам тоа, тие ќе умрат“.

Кога не патува, Мвалуа раководи со проект за конзервација наречен Tsavo Volunteers. Притоа ги посетува и локалните училишта, за да ги учи децата за дивиот свет и за тоа дека е нивно наследство и треба да го чуваат.

Камионот го изнајмил лани, и оттогаш носи вода до неколку локации низ националниот парк. Но неговата ‘мисија’ има потреба од неколку камиони, наложувајќи му да патува по неколку часа секој ден, возејќи многу километри по бавен и тежок терен.

„Камионот е тежок и не оди многу брзо. Мораме да сме многу трпеливи кога одиме да носиме вода“.

Мала искра надеж е што неговото дело стигна и до САД, каде што три Американки кои никогаш се немаа сретнато, се здружија за да постават GoFundMe страна за донации за Мвалуа. Страната вроди со плод и беше собрана одредена сума – пари кои одат за водата на Мвалуа. Но потребни се уште многу пари. Патрик се надева дека еден ден ќе може да купи свој камион. Но дури и тогаш, го чекаат уште многу прашливи километри, и уште многу жедни усти.

Во маица со логото на Супермен. Сосема заслужено.
- Реклама -