Зошто Nokia 3310 е најдобриот на сите времиња (и како ќе изгледа новиот?)

Во случај да ја пропуштивте информацијата, кон крајот на месецов, HMD Global ќе претстави модерна верзија на веројатно најпопуларниот мобилен телефон во историјата – Nokia 3310.

Цената на новата верзија, која ќе биде претставена на мобилниот саем во Барселона, би требало да се двиќи околу 59 евра. Иако нема достапни информации за уредот, веројатно нема да станува збор за паметен телефон, туку класичен мобилен кој ќе се потпира на адутите кои го прославија оригиналот – телефонирање, праќање пораки и батерија што трае со денови.

Нокиа 3310 официјално престана да се произведува во 2005 година, но интерес очигледно постои, а и желба „за враќање на старите вредности“, па компанијата одлучи да ја искористи носталгијата и да понуди макар и резервен телефон за носење по излети, фестивали и други настани за кои модерните уреди се премногу скапи и кршливи. Во секој случај, Nokia 3310 се враќа, а еве ги и аргументите со кои оригиналот го овозможи тоа.

1. Неуништив е

Ова е првото што ви паѓа на памет кога ќе се спомне 3310. Веднаш ви текнуваат сите оние заебанции на интернет кои ја демонстрираат силата и неуништивоста на Nokia 3310. Но не се работи за толку големо претерување. Nokia-та ќе ви паднеше од џеб, ќе удреше во бетон, ќе паднеше на екранот, ќе ја нагазевте и ќе се распаднеше на делови, но штом ќе ја склопевте, пак сé функционираше како да е ново. Гаранцијата беше без поента зашто никогаш не се расипуваше. Освен ако не ти здосадеше, немаше поента после 3310 да купуваш нов телефон.

2. Змија

Сите овие извонредни и генијални видео игри на денешниве уреди, не можат ни да се споредат со легендарниот статус на добрата стара „Змија“. „Snake II“ e вечна класика, игра што е толку добра што и самиот камбек на Nokia во 2017-та година се рекламира со прастара игра во која змија од пиксели јаде овошја.

3. Бесконечна батерија

Ако денес го заборавите полначот, се чувствувате како да сте излегле а дома сте ја оставиле пеглата уклучена. Ве фаќа паника бидејќи знаете дека батеријата на паметниот телефон во наредните саат време веројатно ќе падне од 100% на 40%. Новите уреди просто ја ждерат батеријата. Тоа не беше така со 3310. 3310 го полневте во понеделник, а после во петок сфаќавте дека поминала една недела и дека можеби е време да го ставите телефонот на полнење. Ако има потреба.

4. Најдобрите (и најлошите) маски на светот

Кога ќе ви здосадеше сината Nokia, имавте безброј опции. Од одлични и официјални маски кои изгледаа совршено, до евтините маски кои телефонот ви го претвараа телефонот во најлошиот циркус на светот. Некои дури го украсуваа и со налепници и привезоци.

5. Не ни знаевте дека ви е во џеб

Уредите беа големи, па мали, па најмали, па во 2017-та пак се огромни. Некои морате да ги носите како книга. Тоа што многумина надвор шетаат со смартфоните во рацете е затоа што никаде не им ги собира. Со Nokia 3310 беше друго. Нормално беше да се пофатиш по џебовите за да провериш дали си го земал, како кога проверуваш дали ти се тука клучевите. Освен ако не фатеше да вибрира како манијак, не ни знаевте дека го носите.

6. Посилен и од сонцето

Nokia 3310 имаше одличен екран и веројатно никогаш не сте имале проблем со читање на пораки на силно сончев ден. Не моравте да му правите сенка со рацете, бидејќи сé беше јасно и читко на тоа зелениот екран со црни букви. Да, не можеа да ви пратат фотки и видеа, ама пак бевте среќни.

7. Еден од најевтините

Иако во почетокот цената не се разликуваше нешто многу од останатите мобилни, само две години подоцна, Nokia 3310 стана смешно достапен и стана хит во земјите во развој, ама и кај тие што сакаа телефон на кој можат да се потпрат без да платат вртоглави суми. На крај краева, 3310 можеше да си купиш по пат, ако мораш некаде итно да се јавиш, а вистинскиот мобилен си го заборавил дома.

8. Можевте да компонирате сопствени мелодии

Иако тоа беше занимација за само дел од корисниците, Nokia 3310 ви овозможуваше да компонирате сопствени мелодии. Денес тоа можеби звучи смешно, ама ако бевте вешти, за само неколку секунди можевте да ги преточите најголемите светски хитови во мелодија со која ќе звони вашиот 3310.

9. Сите го имаа

Откако се појави на 1 септември 2000-та, Nokia продаде преку 126 милиони примероци од уредот, што значи дека го имаа скоро сите ваши пријатели. Тоа што супер се продаваше и беше апсолутен хит, значеше и нешто друго – дека не постоеше завист. Сите имаа 3310, и никој никому не му се фалеше, ниту пак му завидуваше.

10. Уште е популарен 

Не зборуваме за камбекот во нова верзија, туку за оригиналот, за кој и денес постои побарувачка на Amazon и еBay.

Сеедно, Nokia 3310 се враќа во голем стил, и интернет е преполн со воодушевени обожаватели кои се радуваат на камбекот.

А вака би требало да изгледа новата Nokia 3310:

- Реклама -