2017-та, а уште постојат трки со коњи?

Animal Aid, заедно со компанијата Lush (која се бави со рачна изработка на козметика), се впуштија во поход да им стават крај на трките со коњи во Велика Британија. Се надеваат дека преку нивната кампања ќе ги обелоденат црните детали за смртноста на расните коњи – околу 200 коњи годишно, и ќе му стават крај на „Grand National“ – најпопуларната трка со коњи и еден од најголемите спортски настани во земјата. Притоа, сакаат и да се изборат за соодветна грижа за овие животни откако тие веќе не можат да се тркаат, како и да го забранат камшикот што го користат џокеите (јавачите). Сето тоа изгледа како нешто што би требало да се подразбира, но досега никогаш не било случај. PETA, The Atlantic и други организации/медиуми и порано се обидоа да ја обелоденат експлоататорската и сурова природа на индустријата, но промените се одвиваат бавно, пред сè заради тоа што на оваа тема многу малку се зборува во јавноста. Кај луѓето останува перцепцијата дека ова е романтичен, стар спорт, спорт за кој луѓето претпоставуваат дека е прописно воден и надгледуван.

Но тажната вистина е дека коњите кои се физички погодни за трки, обично се присилени тоа да го прават до смртта, или барем додека да настапи сериозна повреда што засекогаш ќе ги тргне од тркачките патеки. Уште потажната вистина е дека илјадници коњи се убиваат зашто никој не ги сака, зашто не се погодни за учество во трките. На индустријата, од друга страна, и годи што јавноста продолжува да гледа на обложувањето на коњските трки како на безопасна забава, занемарувајќи го фактот дека тоа е суров бизнис кој ги користи животните исклучиво за профит. Иако првичниот впечаток е дека тие 50% од коњите што успеваат да се „квалификуваат“ за тркање се вистинските среќници, вистината е дека суровоста кон нив е уште поголема кога почнуваат натпреварите. Тие се подложени на многу камшикување кога доцнат зад конкуренцијата, иако најчесто се само преморени. Но за нив едноставно нема запирање, таков луксуз не им е дозволен. Ги запира само смртта или повредите.

Кога тркачките коњи неизбежно ќе настрадаат и ќе скршат нога или ќе го повредат грбот, вратот или пелвисот, или пак ќе добијат срцев удар – ги убиваат. Што е уште поапсурдно, нивното одгледување е скапо и комплицирано, а има единствена цел да ги создаде најбрзите можни коњи, притоа комплетно за сметка на нивното општо здравје и цврстината на коските. Дури и кога еден коњ ќе успее да стигне до трките и ќе има среќа да не се повреди, ако не успева да победи и „не е профитабилен“ – пак го убиваат, било заради месото или не.

Во меѓувреме, секогаш кога ќе се појави критички текст и расположение во јавноста, индустријата лесно го решава проблемот, на најбезболниот начин за неа – отпуштајќи го конкретниот тренер на злоставуваниот коњ, така избегнувајќи го единственото реално решение – целосно да се преиспита општата природа на индустријата со тркачки коњи.

Иако Animal Aid веќе со години работи на промена во перцепцијата на јавноста, и е постигнат одреден успех, надвор од активистичките кругови на трките со коњи ретко се гледа како на сектор кој се базира на малтретирање на животните и кршење на нивните права. Тие што не се вмешани во индустријата, не ни размислуваат за овие проблеми, освен од аспект на коцкањето. Но и тоа може да се смени, ако доволно се зборува за проблемот. А тоа не е лесна задача во овие бурни времиња.

- Реклама -