На 85 години ќе го освојува Монт Еверест, пак!

Непалецот Мин Бахадур Шерчан, кој пред некоја година влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот маж што се искачил на Монт Еверест, сега има 85 години и сака одново да тргне во таков поход.

„Мојата цел е одново да го соборам рекордот. Не сакам да се натпреварувам со било кого, туку да го надминам сопствениот рекорд“, вели старчево (ако смееме така да го наречеме) од Непал.

Шерчан влезе во Гинис во 2008 година, на 76-годишна возраст, но во 2013-та неговиот рекорд го собори Јапонецот Јуичиро Миура, кој тогаш имаше 80 години. Оттогаш, Шерчан сака по втор пат да се качи на највисокиот врв во светот.

Тоа се обиде да го направи и во 2015-та година, но тоа беше годината кога Непал го погоди разорен земјотрес, а како последица беа затворени сите бази за алпинисти на Монт Еверест.

Од 1953 година, кога Едмонд Хилари и Тензинг Норгај за прв пат го освоија „покривот на светот“, на Монт Еверест се имаат качено околу 4.000 алпинисти.

- Реклама -