Што сè забораваат луѓето меѓу страниците на книгите од библиотека

Потврда за платена школарина од почетокот на 20-ти век, стари исечоци од весници, разгледници, фотографии, каталошка листа од американската Конгресна библиотека, решенија за плата, судски покани, па и пари… Ова не се предмети од некаква архивска колекција на некој музеј, туку само мал извадок од листата на предмети кои луѓето ги оставаат и забораваат меѓу страниците на книгите позајмени од универзитетските библиотеки.

Читателите често како обележувач за страниците користат сè што ќе им се најде при рака. Доказ за тоа е и универзитетската библиотека на Ниш. Библиотекарот Горан Маринковиќ за три години има собрано колекција од околу 300 необични „обележувачи“. Така Горан, по професија историчар, пред три години решил да ги сочува овие необични букмаркери.

Во колекцијата има и „една дискета, една карта, и неколку метални парички, а и дозвола за инсталација на радио апарат од 1947 година. Меѓу нив се наоѓа и стара легитимација од библиотеките од 1933 и 1934 година, а и решение за плата на Марин Љубиќ – доцент на Музичката академија од 1951 година“, наведува Маринковиќ. Има и љубовни пораки, писма, рецепти, возни карти, писмени задачи, покани за војска.

Меѓутоа, некогаш меѓу обележувачите има и предмети што вредат „малку повеќе“.

„Во една прилика излезе дека во книгата останала банкнота од 100 евра. Веднаш му ја вративме на читателот. Тоа беше ’уф, фала ви многу’ ситуација“, раскажува Маринковиќ.

Сопствениците на необичните обележувачи ретко се враќаат по нив. Горан вели дека Универзитетската библиотека планира да направи изложба од заборавените предмети. Тоа можеби ќе биде прилика и некој од сопствениците да препознае нешто што некогаш одамна го заборавил меѓу кориците.

- Реклама -