Осло: По 1.200 долари за граѓаните да купат електричен мотор

За разлика од кај нас, каде мувите во принцип не лазат, развиените европски градови не бираат средства за да ја зачуваат животната средина. Во Осло во Норвешка дури и ќе делат пари во форма на субвенции.

Властите на граѓаните им нудат по 1.200 долари за купување на електричен мотоцикл/велосипед. На ваков потег за промоција на начините на превоз кои не загадуваат, се одлучија заради зголеменото загадување на воздухот, како и за да ја намалат зависноста од автомобилите.

Идејата е луѓето да купат електрични мотоцикли на кои ќе можат да го возат и својот товар, како што се намирниците, торбите и другите лични сопствености кои обично ги пренесуваат во гепеците на автомобилите. Со оглед дека цената на електричните мотоцикли се движи од 2.500 до 6.400 долари, бонусот од властите ќе покрие 25 до 50% од вкупните трошоци.

Лошата страна е што не сите граѓани ќе добијат субвенции за електричен мотоцикл. Такви ќе се доделат само на 500 до 1000 жители, заради што скептиците сметаат дека нема да има многу фајде во намалување на смогот. Но ете, градските власти сметаат дека дури и малиот импакт е вреден – сепак е импакт.

Норвешка инаку издвои импресивни милијарди долари за промоција на велосипедизам, вклучително и нови стази и повеќе електрични велосипеди. Осло привремено ги забрани и дизел возилата, а главната цел е до 2019-та година да нема возила во центарот на градот.

- Реклама -