СПОРТСКИ ОДБЕЛЕЖАН РОДЕНДЕНОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ

По повод роденденот на македонската поп икона Тоше Проески, викендов во С.Ц. „Форца“, под покровителство на Општина Карпош,  во организација на Здружението на стопанственици Власи „Мандра“, по осми пат се одржа меморијалниот  турнир во мал фудбал „Тоше Проески“. И покрај тоа што натпреварите беа од ревијален карактер, беа доделени пехари за најдобрите три фудбалски екипи. За најдобра ферплеј екипа беше прогласена „Крушува“, а епитетот најдобар играч оваа година го понесе велешанецот Дејан Штериев од „Лиличеа Ароши“.

На меморијалната манифестација присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски, кој во оваа пригода истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи континуирано да поддржува ваков тип на манифестации, со  цел да ги негува културните различности кои меѓусебно кохабитираат во оваа општина. Во таа насока, претседателот на Здружението „Мандра“, Никола Костов и додели благодарница на Општина Карпош, како традиционален покровител на спортскиот турнир „Тоше Проески“.

Координаторот на Здружението на стопанственици Власи „Мандра“ од Скопје, Мите Митев изрази задоволство од Општина Карпош, која веќе петти пат стои зад оваа традиционална спортска манифестација.

– Огромна благодарност на целосната поддршка која ја имаме од Општина Карпош и сигурен сум дека и понатаму истата ќе продолжи, бидејќи еден дел од животот на Тоше, тој го помина токму во оваа општина. Морам да кажам дека ние Власите, чуствуваме обврска на некој начин да му оддадеме почит за неговите незаборавни дела бидејќи тој го заслужуваше тоа. Па затоа, овој спортски настан, како Здружение, го организираме осма година по ред. Тоше покрај песната беше и спортист, одбојкар, но ние со фудбалот го одбележуваме неговиот роденден.

На меморијалниот роденденски турнир во чест на Тоше Проески, учествуваа четири екипи: „Мандра“ од Скопје, „Општина Карпош“ од Скопје, „Крушува“ од Крушево и „Лиличеа Ароши“ од Велес. Во рамките на турнирот, неизбежна беше и културно забавната програма во која учествуваа познати интерпретатори на влашки песни, рецитатоти и други културни работници. Во дел од програмата се вклучија и музичкиот бенд „Бона Теа“ и музичарот Љупчо Ташков.

Во продолжение следува целосната табела на резултатите од турнирот во мал фудбал:

Прв натпревар помеѓу екипите на:

„Општина Карпош“ и „Лиличеа Ароши“ – 3:7

Втор натпревар помеѓу екипите на:

„Мандра “ и „Крушува “ – 3:1

Трет натпревар помеѓу екипите на:

„ Крушува “ и „ Општина Карпош “ – 1:8

Четврт натпревар помеѓу екипите на:

„Мандра“ и „Лиличеа Ароши“ – 4:7

- Реклама -