Чисти улици во Комуналец, завршил факултет, чита 50 книги годишно

Да сакаш да го споредиш со добар дел од денешниве студенти, студентиве ќе наведнат глави и ќе избегаат. Затоа што Арслан Бајрамоски е чистач на улици во белградското комунално претпријатие „Gradskа čistoćа”, ама е многу поначитан од нив.

Иако има професија кон која повеќето гледаат со потценување, Арслан слободното време го користи за книги, самонадградување и образование. Вели дека е буквално заљубен во книгите. Колегите на работа го викаат Аца Филозоф.

Пред четири години Арслан запишал и факултет. Во петтата деценија од животот добил стипендија и станал студент по економија. И погодете што – факултетот го завршил во рок, иако некои завидливци се обиделе да го наговорат да се откаже. А за воопшто да се запише на факултет, му помогнале неговите пријатели и сите други добронамерници.

„Пријателите и оние што имаат завршено школо ме уверуваа дека нема ништо да изгубам, само ќе добијам“, вели Аца за српски Exploziv.

А на факултет не му биле проблем книгите и обемниот материјал, туку тремата.

„Во прва година, кога имав социологија, иако знаев перфектно и дури и повеќе од перфектно, бев стаписан, иако знаев и повеќе отколку што треба“.

Трема или не, Арслан положил 29 испити и добил диплома.

Во меѓувреме уште работи со метла. Имал понуда за работа на позиција магационер, но одбил заради проблемите со коленото.

„Ако се најде подобра работа – убаво, ако не – пак добро“, скромен е Арслан.

Додека чека подобра работа (надлежните во Gradskа čistoćа велат дека е во план), Арслан доби прилика да продолжи со студиите. Доби стипендија за мастер студии, која тој лично ја прифати со воодушевување. Притоа има едно нешто од кое не отстапува – читањето.

„Читам, неодамна ги прочитав Браќа Карамазови, Злосторство и казна, сега моментално ја читам Идиот“, вели Аца Филозоф.

- Реклама -