10 емоции кои те преплавуваат на работа во периодот по празниците

Првите недела-две на работа по период на празници како овој новогодишно-божикниот, се искуство кое може да предизвика бура од емоции кај човекот. Ако периодов играте пинг-понг од крајност во крајност во емоциите, не е заради ретроградниот Меркур.

Еве само 10 од емоционалните фази низ кои човек поминува во првите денови на работа по завршувањето на празниците:

Неприфаќање (denial)

Темно е и си се повил како новородено бебе во мекото ќебе. Надвор е минус 10 Целзиуса. Алармот ѕвони. Се обидуваш да ја игнорираш реалноста со тоа што го одложуваш станувањето со по 5 минути на секои 10, додека конечно не стигнеш до фазата кога веќе доцниш 15 минути. Па фаќаш да трчаш по тоа мразовите за да фатиш автобус. Влегуваш во автобусот и тргнуваш.

Лутина

Успеваш да се разбудиш некаде по пат заради напливот на гнев, и сфаќаш дека си гладен како никогаш толку рано досега, но немаш време да си земеш ништо, зашто едноставно премногу брзаш. И оттаму почнуваш да размислуваш за тоа како во денешната реалност човек нема време ни да јаде, па почнуваш да го мразиш светот и сите во него.

Огорченост

Најмногу од самиот себе. Ах, ако само ги следеше детските мечти и се занимаваше со нешто посоодветно за тебе и нешто поисполнувачко кое ќе ти дадеше смисла на животот… Сега немаше да работиш ништо и ќе лежеше по цел ден на некоја ривиера со коктел во рака, како нормалните луѓе…

Радост

За момент се потсетуваш дека не е се така црно, бидејќи на влезната врата ја сретнуваш омилената колешка во ново секси капутче. Елеганција и стил. Спонтано се присетуваш на последниот ваш тимбилдинг и колку весело ти беше со неа тогаш на оној коктел… Во меѓувреме многу ти се пие вода.

Срам 

По некое време случајно поминуваш пред огледалото во ходникот пред канцеларијата и се стаписуваш. Стоиш и зјапаш во одразот во обид да измериш колку точно кила си накачил и колку сантиметри си се подул во стомакот како резултат на оваа една недела. Фина околност е што вагата дома ти е расипана уште од ланскиот Бадник.

Благ ентузијазам

Како што си го сместуваш газот на работното столче со мислата дека таму ќе ги поминеш следните 8 часа, сфаќаш дека всушност тоа и не е така лошо. Барем ќе направиш нешто продуктивно, нема само да лежиш и да гледаш безвезни фамилијарни филмови на ТВ зашто те мрзи да станеш и да симнеш некој асален филм на торент. На крај краева, и одморот знае да ти се смачи…

Разочарување

Овој позитивен пристап нагло ќе ти биде избришен од умот во истиот момент кога најдосадниот колега ќе ја отвори устата и ќе соопшти дека следниот официјален неработен ден, според календарот, е дури во април – на Велигден. Кој глупак, човече! Разочарувањето кулминира кога ќе ти текне и дека живееш во држава каде на никој релевантен не му текнува да рече „Еј дечки, а бе -20°C е, не мора да идете на работа по ладново“. Напротив, сите тие некако се во фазон „Ајмо дечки, ќе правиме пари? Доста пропуштавме профит со празнициве!“

Љубомора

Јадеш некакво лиснато за време на паузата за ручек и одлучуваш да видиш што има ново по фејсбукот. Сфаќаш дека тројца од пријателите што не си ги видел од средно се моментално некаде на зимски одмор и дека ќе тераат уште најмалку една недела. Едниот од нив постнал селфи како ужива на лежалка на некоја снежна планина каде што пече сонце и се седи само по џемпер, со пиво во раката. И како после да се дружиш со таков?

Помирување (легнување на брашното)

По третото кафе, со кое се самозалажуваш дека полека влегуваш во чекор и фаќаш ритам, одлучуваш дека тоа ти е животот и само треба да го живееш. Со сите негови плусови и минуси. Со сите добри и лоши страни. Во принцип, работа, работа и пак работа…

Спокој

Ништо не може да го замени моментот кога одеднаш креваш поглед и сфаќаш дошло време за фајронт. Да, надвор е минус дваесет, па што? Дома те чека топло какао и дебело ќебе. И добар филм симнат уште од пред празниците. Ех, празниците…

- Реклама -