Во Барселона: 3 години бесплатен превоз ако се откажеш од стариот автомобил

8046341253_f28a403bae[1]

Нашиве градови не се единствените во Европа со загаден воздух. Ама во европските на големо се работи на тој проблем.

Така е и во Барселона, која исто така бара начини да го подобри квалитетот на воздухот и да го намали автомобилскиот сообраќај, и тоа преку елиминација на автомобилите што најмногу загадуваат од сообраќајот, пишува францускиот весник Les Echos.

Во таа насока, од идната година, властите во шпанскиот град ќе предложат бесплатна тригодишна претплата за користење на јавниот градски транспорт за луѓето кои ќе решат да се откажат старите автомобили, кои се сметаат за особено големи загадувачи на воздухот.

За вакви се сметаат сите дизел автомобили произведени пред 2006 година, бензински мотори од пред 1997 година и мотоцикли пред 2004 година.

Сите кои ќе се откажат од стариот автомобил ќе добијат „зелена општинска карта“ која ќе им обезбеди непречен пристап до автобуската, трамвајската и тролејбус мрежа, како и до метрото, пишува La Vanguardia.

За да добијат зелена карта, граѓаните ќе треба да докажат дека не купиле друг автомобил во претходните шест месеци, но и да се обврзат дека тоа нема да го направат ни во следните месеци. Во спротивно го губат правото на зелена карта, која ќе се обновува секоја година.

Сопственик на претплатна картичка може да биде не само директниот сопственик што се откажува од своето возило, туку и член на неговото семејство, под услов да нема свој автомобил.

Заради загаденост на воздухот, годишно предвремено умираат по 3.500 луѓе на ниво на Барселона и нејзината околина. Се проценува дека има 28.598 потенцијално опасни автомобили, од кои 15.156 се дизел, 7.794 се движат на бензин, а 5.640 се мотори, се вели во извештајот на авторите на проектот. Тие сметаат дека зелената карта ќе привлече дури и до 10% од сопствениците да се откажат од своите автомобили-загадувачи, и тоа на годишно ниво.

- Реклама -