И Мртво Море го утепавме

Корални гребени – уништени √
Арктик – стопен √
Амазонска шума – исечена √
Мртво Море – пресушено √

Човештвото одамна пушти пипци и во најнискиот дел од планетава – Мртво Море, а денес ефектите се гледаат подобро од било кога.

2

Мртво Море – чија површина е на 429 метри (* фуснота на крај на текстот) надморска височина, ама во минус, под морското ниво, е лоцирано меѓу Израел, Јордан и Западниот Брег – се смалува со алармантно темпо: за околу 1 метар годишно. Според еколошката група EcoPeace Middle East, луѓето се најголемите виновници.

„Не е само една земја што го уништува Мртвото Море; туку целиот регион“, вели фотографот Мориц Кустнер, кој ја посети областа во февруари, за потребите на неговата фото серија „The Dying Dead Sea“.

На Мртво Море му е потребна вода од другите природни извори што го опкружуваат, како што е реката Јордан, но во 1960-тите, дел од водните извори од кои зависи морето беа пренасочени. Израел, на пример, изгради голем цевковод за да може да снабдува вода ширум земјата.

5

Индустриите за експлоатација на минерали се друга голема причина што водата се намалува, велат експертите. Минералите на Мртво Море одамна се ценети заради нивното терапевтско дејство, и често ќе ги најдете во разните козметики и други потрошувачки производи.

Но една од главните причини е и туризмот, а еден од главните, ако не и главниот приоритет на EcoPeace Middle East е да го ограничи неговиот понатамошен развој. Мртво Море е до толку популарно што туристите го посетуваат Блискиот Исток само за да уживаат во неговото високо ниво на содиум хлорид и други соли, кои го прават пливањето на површината екстра лесно. Уште повеќе, тука е лекувачката моќ на солената вода на морето, за која се верува дека лечи кожни, срцеви и белодробни болести. Со толку луѓе што „се гостат“ во неговите природни извори и со козметички продукти и терапевтски третмани, ништо чудно што туризмот има голем удел во убивањето на Мртво Море. А дополнителната изградба на хотели и други туристички објекти само ќе го докусури морето, сметаат од EcoPeace Middle East. Ако ништо друго, канализациските води од овие комплекси би биле доволни да го загадат.

3
Заради повлекувањето на водата, еден крајбрежен туристички ресорт изграден во 1980-тите, сега мора да ги носи гостите до езерото со организиран превоз.

Меѓу причините за намалувањето на водата во Мртво Море, секако, спаѓа и жешката, сува клима на Блискиот Исток, која сериозно му отежнува да ја надомести изгубената вода.

Светлата точка во целава работа е што лани Израел и Јордан потпишаа договор вреден 900 милиони долари, со кој ќе се направи напор да се стабилизира водната површина на морето. Договорот предвидува изградба на канал од Црвено Море до Мртво Море, со што ем двете земји ќе можат да се снабдуваат со вода, ем ќе можат да пумпаат вода во Мртво Море – околу 300 милиони кубни метри годишно.

„Ова е најважниот и најзначајниот договор од мировната спогодба со Јордан (во 1994 година), рече Силван Шалом – израелски министер за енергија и водни ресурси во времето на потпишување на договорот.

Но дали каналот – за чија изградба се предвидени три години, ќе го даде очекуваниот ефект, допрва ќе видиме.

Туш за да се измие солта од телото.
Туш за да се измие солта од телото.

Мртво Море, на хебрејски познато како Солено Море, е една од најсолените водни површини во светот, со соленост од околу 34%. А заради сите горенаведени неволји со кои се соочува, соленоста станува сé поголема. Нешто порано месецов, околу 30 маратонски пливачи пливаа од Јордан до Израел за да привлечат внимание на проблемот со опаѓањето на нивото на водата. Носеа маски за да ги заштитат своите очи и усти, но еден пливач сепак го опиша искуството како „киселина да ти ги пече очите“.

„Мртво Море е непријателска средина за луѓето што живеат или престојуваат таму“, вели Кустнер (фотографот од погоре). „Навистина е солено, и ако ја пробате водата од Мртво Море, веќе нема вкус на солена вода. Сега има вкус само на токсично“.

Во меѓувреме нé остава со неговите фотографии од посетата.

6
Јорданскиот брег, гледан од страната на Израел.

4 7 8

* Податоците варираат: CNN вика 423 метри, news.au вика 429, мк википедија вика 396 метри (макар што веројатно е тоа стар податок, пред да се намали нивото). Варираат и за површината што ја зафаќа езерото.

- Реклама -