Throttle/Brake – епизода 35: Хипер SUV – Bentley Bentayga

СПОДЕЛЕТЕ

2

Хипер SUV? Мислам дека само што измислив нова категорија на автомобили! Прво, да кажам дека сум имал среќа и прилика да ги возам сите SUV кои што се моментално актуелни. Буквално сите. Стандардни, премиум и спортски модели. Дури и постарите модели. На мојата SUV листа, Porsche Cayenne Turbo S е број еден. Иако мислам дека во последно време Range Rover Sport SVR 

полека го турка Porsche на второто место, само поради феноменалните звуци кои ги произведува V8 моторот. Пред извесно време, на моја голема радост, имав прилика накратко да се подружам со Bentley Bentayga, најмоќниот и најскапиот SUV некогаш произведен. Прво, збор-два за моите импресии.

1

Интересно е дека името Bentayga е всушност еден вулкански врв на Канарските Острови. Се дружевме, односно го возев околу 4 километри, што не е многу, но беше доволно за да констатирам доста работи, бидејќи останатите автомобили од оваа класа ги познавам исклучително добро. По две минути возење, на една права улица, ја притиснав гаста до крај. Прво што ми падна напамет е дека Bentley Bentayga е Bugatti Veyron во сегментот SUV. Дефинитивно. Уште од првиот момент, кога ќе го стартувате моторот, ја чувствувате моќта на V12 и 600-те коњски сили под хауба, но на еден елегантен начин. При нормално опуштено возење низ град, автомобилот скоро и да нема никакви вибрации или звуци. Така е се додека не наидете на прав пат и не ја притиснете гаста до крај. Тогаш ви станува јасна споредбата со  Bugatti Veyron. Bentayga е сериозно брз автомобил. На пример, побрз е од Porsche 911, BMW M4 и Ferrari California, а многу добро се снаоѓа и надвор од асвалтираните патишта. Но, се прашувам, дали воопшто некој би одел оф роуд со најскапиот SUV? Јас искрено, не.

3

Збор-два за техничкиот дел и перформансите. Срцето на овој хедонист е 6.0 литарски, твин турбо W12 кој испорачува 600 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 900 Nm. До стотка оди за 3,5 секунди а максималната брзина му е 301 километри на час, што го прави најбрзиот SUV во светот. Ако мислевте дека  моторот (W12) е нов и специјално развиен за Bentayga се лажете. За првпат е вграден во 2001 година во концепт супер спортското купе VW Nardo. Денес истиот мотор се вградува и во Audi A8L W12. Засега на пазарот се нуди само изведбата W12 но од фабриката веќе ги потврдија V8, дизел и V8 хибрид. Цената е околу 300.000 евра во зависност од опремата и бојата. Да, за специјална боја ќе морате да платите 12.000 евра. Но што е толку специјално кај Bentley Bentayga? Ако ме прашувате, освен максималната брзина, друго ништо. Всушност Bentayga е VW Touareg со W12 мотор и квалитетно дрво и кожа. По само неколку месеци на пазарот, голем број автомобили се повлекуваат поради проблем со седиштата и командната табла. Bentayga можеби има цена на Rolls Royce, но никогаш нема да биде Rolls Royce. Сума сумарум, одличен автомобил, нема збор, но, за некој колекционер, кој во својата колекција би сакал да го има најбрзиот SUV (засега). За 300.000 евра и плус 12 илјади за специјална боја, јас би одел со Range Rover SVR, кој е феноменален и Mercedes AMG GT R. И за крај, надвор од темава, дали ја гледавте првата епизода од шоуто The Grand Tour? Џереми, Хамонд и Captain Slow се повторно во акција, и морам да кажам дека првиот дел од шоуто ме остави без текст. 

4 5

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
Прочитајте и:  Throttle/Brake #39: Rolls Royce Cullinan, Mercedes X класа и Кралот на Нурбургринг