Владата никогаш нема да биде за граѓаните

Државата не е ништо друго освен регулирана и систематизирана доминација и искористување.

Ќе пробаме тоа да го покажеме испитувајќи ги последиците на управувањето на маса луѓе од страна на малцинство, на почетокот интелигентно и посветено како во, ако сакате, идеалната Држава, засновано на слободен договор.

Да претпоставиме дека управувањето би се препуштило само на најдобрите граѓани. На почетокот, овие граѓани се повластени не по право, туку по факти. Избрани се од луѓето затоа што се најинтелигентни, најмудри, најхрабри и најпосветени.

51b8ab8a165aa1fb5a57daf7b2513248_M[1]

Избрани од масата граѓани, кои се сметаат сите за еднакви, уште не формираат посебна класа, туку група на лица повластени единствено од природата и, од тие причини, од луѓето издвоени за избори. Нивниот број, нужно, е многу ограничен, затоа што во сите времиња и земји бројот на луѓе обдарени со квалитети така вредни за тие автоматски да бидат едногласно почитувани од нацијата, како што нé учи искуството, е многу мал. Затоа, плашејќи се од погрешниот избор, луѓето секогаш ќе бидат приморани да ги бираат своите владетели од оваа мала група луѓе.

Сега друштвото е поделено во две категории, ајде уште да не речеме класи, од кои едната е составена од огромно мнозинство граѓани, доброволно потчинети на власта на своите избрани лидери, а другата – составена од мал број природно надарени, како такви препознаени и прифатени од масата луѓе, и од нив задолжени за со нив да управуваат. Зависни од народните избори, тие се прво издвоени од масата граѓани единствено заради своите квалитети кои го препорачуваат нивниот избор, и природно се најпосветени и најкорисни од сите. Тие сé уште за себе не приграбуваат било какви привилегии, било какви права, освен оние исклучителни, додека луѓето тоа го сакаат, посебни функции за кои се задолжени. Во останатиот дел, според нивните животи, услови и средствата на нивното постоење, тие не се одвојуваат на било кој начин од другите, така што совршена еднаквост продолжува да владее меѓу сите. Може ли ваква еднаквост да опстане на подолго време? Ние тврдиме дека не може и нема ништо полесно од тоа да се докаже.

Ништо не е поопасно за човековиот личен морал од навиката на заповедување. И најдобриот човек, најинтелигентниот, без интереси, великодушен, чист, ќе биде непогрешливо и трајно расипан во ваквата размена. Две чувства нераздвојни од моќта, никогаш немаат доживеано неуспех во создавање на таквата деморализација; тоа се: презирањето на масата, и преценување на сопствените заслуги.

„Масите“, си вели човекот сам на себе, „препознавајќи ја својата неспособност самите да управуваат, ме избраа мене за свој водич. Со тој чин тие јавно ја прогласија својата инфериорност и мојата супериорност. Меѓу оваа толпа луѓе, тешко препознавајќи некој еднаков на мене, јас сум без нив способен за управување со друштвените проблеми. На луѓето сум им потребен – не можат без моите услуги; додека јас, напротив, можам добро да се снајдам и сам; тие, затоа, мораат да ми бидат послушни заради својата сигурност, и со тоа што покровителски им служам, јас им правам услуга“.

Нема ли нешто во сето ова што прави човек да ја изгуби својата глава и своето срце исто така, и да стане луд од горделивост? Така оди тоа, моќта и навиката на заповедување стануваат, дури и за најинтелигентните и најморалните луѓе – извор на заблуденост, интелектуална и морална.

Михаил Бакуњин, 1867 година

(руски револуционер и анархистички филозоф; роден во 1814, а починат во 1876 година)

- Реклама -