Оливер Кан – несреќниот Титан

AFP IB01 DEJECT KAHN 01 SOCCER JPN

Еден од најголемите недостатоци на тоа да си професионален спортист, е тоа што камерите неизбежно ќе ти ги уловат најголемите неуспеси. Современата медиумска покриеност на спортот е меч со две острици: може многу лесно да велича, но и подеднакво лесно да срамнува со земја и да уништува животи и кариери, или барем да ги овековечи најголемите длабочини на очајот.

Иако најзапаметените слики од историјата на спортот се тие поврзани со триумфите и победите, не помалку се помнат и тие од кои блика горчината на неуспехот.

* * *

Никаде тоа не е поочигледно од една фотографија непосредно по финалето на светското првенство во 2002 година.

Во задушливата вечер во Јокохама, германскиот голман Оливер Кан седи потпрен на стативата. Неговите беспрекорно извајани бенекбарди и снежнобелите чорапи силно противречат со маката што му е испишана на лицето.

Германската репрезентација самошто го загуби финалето против Бразил со 0:2, а Оли ја премерува пропуштената шанса.

Најзабележително на сликата е колку мал изгледа Кан. Секој што го гледал знае за каков борец стануваше збор, и како изразито се извишуваше и многу над своите 188 сантиметри кога се радуваше дека неговите соборци ја завршиле работата на спротивната страна. Беспомошноста на сликата се гледа и од уште нешто.

Кан потсетува на витез без оклоп. На лав без грива. Тој е голман без ракавици…

Портретот на очајниот Кан е моќно потсетување за тоа колку безмилосна е природата на елитниот спорт. А истовремено, може да се земе и како соодветен портрет на неговата кариера.

Тоа може да звучи чудно за еден голем играч кој се радуваше на толку многу успеси, но само дополнително потцртува колку шанси пропушти голманот што заради импресивниот авторитет на својата појава и заради агресивниот стил пресот го нарекуваше Титанот, а публиката – Вулканот.

Никој не смее да тврди дека патот на Оливер Кан не беше славен и блескав, особено што траеше две декади, во кои освои 8 титули во Бундеслигата и одигра над 500 меча во германската елита. Тоа се само дел од доказите за неговиот неизмерен талент и неговата исклучителна преданост на играта. Јасно е, секој што ја носел капитенската лента на клубот и репрезентацијата, што заработил награда „Играч на мечот“ во финале на Лигата на шампионите, и бил избран за број 1 на светско првенство – навистина и е Титан.

Но и покрај сите признанија, останува чувството дека во најважните битки во кариерата, Кан беше на страната на губитниците. А тие порази создаваат непотполна слика и фрлаат сенка врз тоа Кан да биде поставен на пиедесталот со најголемите чувари на мрежата.

* * *

Продукт на школата на Карлсруе, Кан се утврдува на позицијата прв голман во сезоната 1993/94, кога клубот стигнува до полуфиналето на Купот на УЕФА, попат отстранувајќи соперници како ПСВ, Валенсија и Бордо, за на крајот да изгуби од Австрија Салцбург.

Од 10-те меча во натпреварувањето, Карлсруе не допушти примен гол во 5, а притоа и ја растури Валенсија со 7:0 на домашен терен. Одбраната на Германците беше исклучително стабилна, но најголема заслуга за празните мрежи имаше младиот голман.

Извонредната кампања на Карлсруе не остана незабележана, исто како и изјавите на Кан. Следното лето веќе беше купен од Баерн и инстантно поставен како голман број еден пред мрежата на клубот.

Долготрајното лечење на скинатите лигаменти ќе го тргне од мрежите на подолго време, но веднаш потоа Кан ќе ги поведе Баварците кон славата. Во сезоната 1995/96, Титанот го постигна тоа што не му успеа со Карлсруе, и го крева пехарот на УЕФА. Локомотив Москва, Рејт Роверс, Бенфика, Нотингем Форест и Барселона, едноподруго паѓаат во борбата со баварската машина, која стигнува до Бордо во финалето.

Во составот на Французите блескаат имиња како Кристоф Дугари и Зинедин Зидан, но тоа не ги спасува во Минхен, каде домаќините го освојуваат првиот дуел со 2:0. На реваншот се уште поубедливи – 4:1, кога Јурген Клинсман го постигнува 15-от гол во натпреварувањето.

Тоа е првата прилика на Кан да крене трофеј, по која титулите ќе се претворат во секојдневие. Следната сезона Баерн станува шампион и го освојува Купот на Германија, а потоа германската репрезентација си оди со златото од Вембли, освојувајќи го Европското првенство во 2006.

Но следниот поход на Кан кон врвот завршува срцепарателно тешко и остава неизлечива лузна кај голманот, како и кај сите навивачи на Баерн.

Барселона 1999-та. Да се потсетиме? Марио Баслер го поведе Баерн со 1:0 во финалето на Шампионската лига против Манчестер Јунајтед. Изгледаше дека Баварците ќе победат, но Теди Шерингам израмни во 91-та минута, за само неколку секунди подоцна Оле Гунар Солскјер уште еднаш да го потопи Оливер Кан.

При голот на Шерингам, Кан само беспомошно чучна на средината, со кренат показалец кој алудираше дека напаѓачот е во офсајд, што очигледно не беше случај. Голманот беше тажна глетка и при вториот гол. Гледаше беспомошно и стоеше неподвижен како да имаше пуштено корени. Кошмарот беше целосен – Баерн пропушти одлични шанси и му допушти на Манчестер Јунајтед да даде два гола во судиското продолжение.

Раната уште стои, а подвигот на „црвените ѓаволи“ останува еден од најголемите во историјата на фудбалот. Ако ништо друго, еден од најдраматичните.

https://youtu.be/JP8O7ysPRDo

Не беше пишано Баерн да го крене најзначајниот трофеј на Камп Ноу, ама шансата му се укажа набрзо.

Само две години подоцна, тимот на Баерн Минхен одново стигна до финале. Жртва во полуфиналето им беше Реал Мадрид, а Германците пристигнаа во Милано како апсолутни фаворити против Валенсија. Штефан Ефенберг даде гол за водство на Баерн уште во 3-тата минута, од пенал, а Мемет Шол промаши од белата точка во 7-та.

Меѓутоа прецизен од пенал беше и прочуениот фудбалер на Валенсија – Гаиска Мендиета, кој погоди за израмнување во второто полувреме. Но тука не завршија пеналите. Резултатот од 1:1 остана и по двете продолженија, па почна битката од белата точка, за која немаше поподготвен од Кан.

https://youtu.be/i9JJM8HZE6k

Магијата на Кан најмногу дојде до израз при шутот на Амедео Карбони (1:54 во видеото). Првично Кан се фрли налево, но со последните сили и со врвот на прстите ја одби топката што одеше по средината кон пречката, по што ѝ се фрли како да е предатор, а таа пленот, со крик што единствено наликува на тој на грзили мечка. Тоа беше крик на олеснување, крик што го славеше триумфот на Оли кој не случајно беше остварен токму на пенали.

Претставете си какво е чувството да си голман со таков физички и психолошки авторитет на теренот. Претставете си го избезумениот поглед со кој Кан правеше да им се тресе ногата на противниците и да психолошки да ги поразува уште пред да почне вистинската борба. Така беше и во Милано. За подвизите, Кан беше избран за Играч на мечот. Демоните од Барселона како да си заминаа.

Оливер Кан тргна кон чистилиштето, но набрзо се врати во пеколот

Баш како што Баерн одвај чекаше да се освети за фијаското против Јунајтед, така Бразил се беше зарекол дека ќе ја поправи грешката од Мундијалот во 1998 на следното светско првенство.

Германците играа со прилично лимитиран состав во Јапонија и Јужна Кореја во 2002-та, но и покрај тоа стигнаа до финалето.

Во Јокохама, играта против „селесао“ беше рамноправна, а Бундестимот дури погоди и статива. Но во средина на второто полувреме, Ривалдо шутна од далечина – удар што не требаше да го помачи Кан, но топката му избега од рацете и се одби од неговите гради, а Роналдо натрча и ја испрати во мрежата.

Десетина минути подоцна, Феноменот прими додавање на границата на шеснаесетникот, и со хируршки точен прецизен удар избриша 4 години агонија за Бразилците.

10 минути го срушија германскиот сон. 10 минути го спречија Кан да стане голман што ќе го освои светскиот куп.

https://youtu.be/MmUvw-dM3hA

И баш тие 10 минути се празнината во биографијата на Титанот, што го лишуваат од место до Дино Ѕоф, Сеп Мајер или Гордон Бенкс, кои стигнаа до врвот.

* * * *

Намерно не го спомнуваме Лев Jaшин – кој според многумина останува најголемиот голман на сите времиња, иако никогаш не стана шампион во најпрестижните натпреварувања на клупско или интернационално ниво. Затоа пак, останува единствениот голман со Златна топка и со над 150 спасени пенали во кариерата.

Но секој си има свои критериуми со кои ги оценува постигнувањата на легендите. За едни тоа се трофеите, за други се важни квалитетите на конкретниот играч. По сите мерила, Оливер Кан претставува нешто исклучително за фудбалот.

Со развеаните коси, со страшниот поглед и со спремноста да жртвува сé во името на победата, Германецот беше посебен феномен во фудбалот. На моменти изгледаше брутален, но никогаш и бесмислено груб.

Имаше некоја чудна конзистентност во неговото фудбалско му лудило, и последната цел му беше да биде агресивен. Само сакаше да присуствува на теренот на сите можни начини. И брилијантно му успеваше.

Исто така, Кан поседуваше и едни од најважните квалитети на големите голмани – трпение и концентрација. Ја следеше играта со такво внимание и така го задржуваше фокусот, што неговите соиграчи секогаш можеа да се потпрат на него.

Најдобрите голмани знаат дека трпението е доблест, и дека може да е од клучно значење, бидејќи една грешка може да го реши целиот натпревар. Во овој поглед Кан беше вистинска класа.

* * * *

Во тригодишниот период 1999-2002, европската слава на Оливер Кан почна да избледува, притисната од печатот и од двата големи неуспеха.

Но денес, од оваа временска дистанца, јасно е дека Кан носеше доза фудбалски романтизам. Не играше само за слава и трофеи, туку и за фановите и за публиката. Нели затоа го обожаваме фудбалот, заради адреналинот и драмата? За миговите кои ги гледаме во живо и стануваат историја.

Е па Кан царуваше во тие моменти, иако ја имаше несреќата да заврши победен во најсудбоносните мигови на теренот. Историјата недвосмислено ја пишуваат победниците, и е многу лесно и удобно по секој хепиенд да заборавиме на последиците по победените. Еден поглед врз кариерата на Оливер Кан нé потсетува – не сите приказни се со среќен крај. Ама не значи дека се лоши.

- Реклама -