Рутерот те шпиунира

lead_960[1]

Животот во град значи дека во секој момент пливаш во море од Wi-Fi сигнали. Домовите, улиците, дуќаните, кафулињата и канцелариските згдради постојано емитуваат безжични сигнали во сите правци, сé за потребите на блиските телефони, таблети, лаптопи и разни други гаџети.

Кога овие направи се конектираат со рутер, тие праќаат барања за информација – временска прогноза, спортски резултати, вести и сл. – и за возврат примаат дата, сé тоа преку воздухот. При комуникацијата со направите, рутерите исто така собираат и информации околу тоа како сигналите патуваат низ воздухот, и дали се попречени од некакви објекти или пречки. Имајќи ја таа информација, рутерот може да направи мали прилагодувања за да воспостави постабилна врска со направата со која е поврзан.

Е токму овие својства на рутерите, прават рутерите да можат и да следат луѓе, и тоа на страшно изненадувачки и детални начини.

Кога луѓето се движат низ простор со Wi-Fi сигнал, нивните тела го афектираат истиот – дел од брановите апсорбираат, а други ги рефлектираат во разни правци. Со анализирање на деталните начини на кои еден Wi-Fi сигнал е попречен кога човек ќе се најде во дометот, истражувачите можат да „видат“ што некој всушност пишува на телефонот следејќи му го прстот во воздухот, да го идентификуваат според карактеристичниот начин на кој оди и се движи, па дури и да му читаат од усните – со извонредна прецизност, дури и ако лицето не е во истата просторија со рутерот.

* * *

Неодамна беа спроведени неколку такви експерименти, кои се фокусираа на користење на Wi-Fi сигнали со цел да идентификуваат луѓе, било според формата на телото или според начинот на движење. Порано месецов, група компјутерски научници од Northwestern Polytechnical University во Кина, објавија извештај во една онлајн архива за научни истражувања, во кој изнесуваат детали за систем што точно може да идентификува луѓе додека поминуваат низ врата, и тоа во 9 од 10 случаи.

Системот прво мора да биде „истрениран“: мора да ги научи форми на телата на индивидуалците, за да може подоцна да ги идентификува. А штом ги меморира формите, системот наречен FreeSense почнува да ги анализира луѓето што се движат во неговото „видно“ поле. Ако на системот му е назначено дека бараниот минувач ќе биде еден од двајца луѓе, системот точно го идентификува бараниот во 95% од случаите. Ако му е назначено дека бараниот ќе биде меѓу 6 луѓе, системот точно го идентификува во 89% од времето.

Научниците, овие на FreeSense, велат дека технологијата би можела да се искористи во смарт-домовите: кога рутерот би насетил дека сопственикот влегува во собата, би можел да комуницира со други поврзани направи – да запали светло, одредени апарати, да крене/симне ролетни, со еден збор, да ја прилагоди собата според желбата на сопственикот. Од друга страна, како бе така при ваквите сериозни откритија, научниците пропуштаат да споменат евентуални несакани последици, како на пример тоталитарна влада што инсталира свои рутери и со тоа ги следи сите минувачи?

Како и да е, FreeSense не е првиот систем што идентификува врз база на Wi-Fi сигнал. Тој е многу сличен на оној на група научници од Австралија и Велика Британија, претставен порано годинава. Овој, наречен Wi-Fi ID, се фокусира на стилот на одење. Кога идентификува меѓу двајца луѓе, системот идентификува со 93% точност. Кога идентификува меѓу 6 луѓе, тоа го прави со 77% точност. Системот е доволно прецизен за да може да вклучи аларм ако непознат натрапник влезе во објектот, на пример.

Исто така, група научници од MIT уште во 2013 се пофалија дека можат да искористат рутер за да го детектираат бројот на луѓе во една просторија, како и да идентификуваат некои основни движења на рацете, сето ова преку ѕид (преку дрвена врата од солидно дрво, преку шуплив ѕид со челични столбови или преку бетонски ѕид). Рекоа дека дури можат и да ги детектираат пораките напишани во воздухот (преку следење на рацете на пишувачот, нели), на дистанца од 5 метри, повторно преку ѕид – со 100% точност.

Со уште попрецизни сензори, истите научници од MIT засукаа ракави да создадат систем што може да разликува различни луѓе додека стојат зад ѕидови, и од далечина да ја мониторира фреквенцијата на дишење и на срцевата работа – со 99% точност. Обама лично се запозна со оваа технологија лани, на таканаречениот Demo Day во Белата куќа, каде што се сретна со Emerald (на видеото) – направа наменета за стари луѓе, која детектира физичка активност и паѓање низ целиот дом. Направата дури се обидува и да предвиди кога некое старо лице е на пат да падне, мониторирајќи ги неговите движења.

Освен што Wi-Fi сигналите можат да идентификуваат луѓе и гестови, можат да го разликуваат дури и најмалото движење, со екстремна прецизност.

На една ланска конференција беше презентиран и WiKey – систем што може да процени кои копчиња корисникот ги притиска на тастатурата, мониторирајќи ги малите движења на прстите. Штом е „истрениран“, WiKey препознава реченица додека ја пишуваш со 93.5% точност – сé тоа користејќи обичен комерцијално достапен рутер и пар компјутерски кодови создадени од научниците.

Не ви е доста? На конференција во 2014 година, тим истражувачи од Беркли презентираа направа што може да „слушне“ што зборуваат луѓето, анализирајќи ги дисторзиите и рефлексиите на Wi-Fi сигналите создадени од движењето на нивните усти. Системот можел да детерминира кои зборови се кажани (користејќи речник за читање од усни) со 91% точност кога зборувал еден човек, а со 75% точност кога зборувале тројца во исто време.

* * *

Многу од научниците ги презентираат нивните Wi-Fi сензорски технологии како начин да се зачува приватноста додека истовремено се собира важна информација. На пример, наместо да се користат камери за мониторинг на одреден простор – кои снимаат и зачувуваат сé што се случува во детали, систем базиран на рутери би можел да детектира движења или акции без премногу да навлегува во приватноста.

The Atlantic го праша Камран Али – човекот зад WiKey, дали технологијата би можела да се искористи за тајно крадење на сензитивни информации. Одговорот на Али е дека системот работи само во контролирани средини и со ригорозен тренинг, значи „засега нема потреба од грижи, не е голем проблем околу приватноста“.

Ама… Нормално е дека научниците ќе речат така, зашто нивните технологии треба и да ги продадат, нели, а кога општата раја би била исплашена, би можела да им ги помати сметките. Како што Wi-Fi „гледањето“ ќе еволуира, може да стане поадаптибилно и да му треба помалку тренинг, особено ако ги здружи силите со вештачката интелигенција. Не само што е подложно на злоупотреба од влади, организации, компании и сл, туку е особено опасно ако падне во рацете на хакерите. Хакерот би можел да намами корисник да се поврзе на малициозен рутер и со користење на WiKey или сличен систем, да знае сé што корисникот пишува. Корисникот никогаш нема да биде свесен за ништо од наведеното.

И бидејќи сите овие системи се базираат на Wi-Fi сигнали, а без Wi-Fi нема живот, очекувано е дека штом малку бидат усовршени, ќе сведочиме нивна широка дистрибуција во секојдневието, особено со оглед на тоа што не бараат некаква нова или скапа опрема. Рутерите наскоро можат да се покажат како чувари на безбедноста на децата и старите лица, да следат некои дневни активности, или да го „подмачкаат“ работењето на смарт-домовите… Ама можат да отидат и во другата крајност, каде што воопшто не е розово.

Извор: The Atlantic

- Реклама -