Е ова не го креваш, брат

bigorexia

Многу од мажите запливуваат во светот на бодибилдингот со мисија да извајаат физички атрактивно тело и заедно со мускулната маса значително да си ја зголемат вредноста на сексуалниот пазар. Пумпањето железо е нераскинливо поврзано со желбата за пристап до повеќе и поквалитетни сексуални партнерки – за хетеросексуалците, или партнери – за хомосексуалците.

Парадоксално, во еден момент, некои од тие со најголем напредок, стигнуваат во фаза веќе да не се во можност да ги „оберат“ плодовите од напорно заслужениот интерес на избраната таргет група.

Обемот на раката стигнува накај 50 сантиметри, сериите чучњеви со 190 килограми стануваат лесни како прошетка во парк, процентот на телесните масти е 8-9, но облаците на сексуалниот хоризонт се згуснуваат и на сцената излегува кошмарот наречен еректилна дисфункција.

Годините, а понекогаш дури и само месеците поминати во циклуси со препарати за зголемување на чистата мускулна маса и намалување на мастите, си го кажуваат своето:

„Ова веќе не го креваш, брат“. 

bodybuilding_protein[1]А ти продолжуваш да креваш, ама сега само тегови во салата. Запирањето со хормоните води до апокалиптичен пад во силата, делтовидните мускули веќе не личат на фудбалски топки, пекторалисите не се како исклесани во камен, отцртувањето на стомачните почнува да избледува во мрсното торзо, а нозете се во толку лоша состојба што и прошетките во паркот стануваат напор.

Заеби секс, време е за инекции

Тестостерон, инсулин фактор на раст (IGF-1), хормон за раст… Со едно вакво упорно темпо одново ќе се поврати мускулната отцртаност, погледите на околните повторно ќе бидат привлечени од бруталната маса и остриот релјеф, а на крајот на краиштата, за интимниот режим ќе се лапне уште едно апче – синото.

Отприлика така изгледа рационализацијата на секој билдер што ќе се најде во стапицата на бигорексијата. Наречен уште “Комплексот на Адонис”, тоа е подло и потценето ментално растројство што го тера болниот френетично да сака да има што повеќе мускули.

На темата: Бигорексија: Вечно незадоволство од мускулите 

Одразот во огледалото никогаш не е доволно напумпан и импресивен. А напумпани и импресивни мускули се прават со тешки вежби, многу калории и препарати.

Врската помеѓу прекумерната употреба на анаболни стероиди и еректилната дисфункција е јасно утврдена во бројни истражувања и медицински материјали. Оштетувањата на внатрешните органи се дополнителен “бонус”. Животот на жртвите е вшмукан во циклон од стимуланси.

Но, како е можно некој да избере голем бицепс наместо исполнет сексуален живот?

Анемичното либидо е ризик кој сé повеќе млади момци го преземаат на патот кон привремената мускулна слава. Денес има толку многу платформи на кои може да се демонстрира импозантниот физикус – може да те викнат во реклама, во филм, во Големиот Брат или Срвајвор…

А кога ќе прокапат парички, тогаш ќе ги преземеш мерките потребни за големото враќање на изгубената ерекција. Или барем така си мислиш.

За многу од младите што злоупотребуваат стероиди, нивното тело е основен инструмент за финансиска независност. Тие во него инвестираат огромни суми, но очекуваат тоа да им се исплати. Го полираат и гланцаат надворешно, но го оштетуваат внатрешно. И си го заебуваат сексуалниот живот на долго време. Среќна околност е што живеат во сексуално најсиромашната ера – таа на миленијал генерацијата.

- Реклама -