(Дејвид Духовни и Алек Болдвин) За политичката импотентност и папараците

alek

Ако го прашате Алек Болдвин што мисли за папараците, прво манијачки ќе се изнасмее, па длабоко ќе воздивне, па ќе се впушти во остар вербален напад на нивна сметка.

Познато е дека славните – тие што сакаат публицитет и место во жолтата штампа, понекогаш сами си нарачуваат папарацо фотки, понекогаш плаќаат фотографи да глумат дека се папараци или барем одат на демек интимни места каде што знаат дека ќе бидат видени и фотографирани. Ама не сите. Дури и самите папараци го знаат тоа, и за секоја таква фотографија ќе се најде еден фотограф кој е убеден дека фотографијата не е наместена.

Како и да е, повеќето ѕвезди, кои и онака имаат статус на селебрити, немаат многу корист од тоа фотографии од нивниот приватен живот да стојат по медиумите, а реално, немаме ни ние како публика. Сепак, ние сме тие што можеби имаме оговарачки ген и воајерска потреба; што и да е, ние читателите создадовме побарувачка за вакви фотографии, побарувачка која потоа ги создаде папараците и оваа култура на ѕиркање во приватните животи на луѓе кои реално гледано на читателите им се тотални странци.

Во документарецот Smash His Camera, пак, ѕиркаме во животот на славниот папарацо Рон Галела, кој на пример на времето можеше да се види како со кола ја следи 71-годишната Кетрин Хепберн низ Лос Анџелес, за која тој лично рече дека има „тежок карактер“ затоа што сакала да „ја сочува приватноста“. Истиот човек буквално ја бркаше Џеки Оназис низ Централ Парк на петтиот ден откако почна да ја следи. Отприлика тогаш и ја „улови“, а тоа резултираше со фотографијата Windblown Jackie, која Рон ја нарекува „неговата Мона Лиза“.

Мона Лиза-та на Рон Галела

Многу од фотографиите на Галела се различни од она што денес го гледаме од познатите трачари (како TMZ). Неговите фотографии „добро стареат“ и денес добиваат некаков иконски арт белег. Тоа што се црно-бели дефинитивно помага, но уметноста на  Галела лежи токму во неговите субјекти – луѓето што ги сликаше. Енди Ворхол, на пример, му беше фан, затоа што му се допаѓаше дека „фаќа“ славни личности како прават „неславни нешта“. Други го споредуваа со уличните фотографи. Денес има луѓе што собираат негови принтови, има и галерии што го изложуваат. Денешните папарацо фотки од Роб Кардашијан, на пример, сигурно нема да доживеат после 50 години да ги нарекуваат уметност. Поентата е дека и самиот Галела лично со благо гадење зборува за селебрити културата денес – „премногу изложеност и многу малку талент“, вели тој.

jackieron16.jpg
Додека ја бркаше Џеки Оназис

На почетокот на Smash His Camera, прикажан е клип од ТВ спикер кој на гледачите им објаснува дека во одредени примитивни племиња, нативните жители имаат ужасен страв од тоа да бидат фотографирани – се плашат дека фотографот ќе им ги украде душите. „Всушност, имаме такво племе денес овде во Америка, кое се чувствува на ист начин“, продолжува критиката. Тоа е хипербола, ама моментот во кој папараците ја преминуваат линијата за да заработат некој денар е дефинитивно инвазивен и е сличен на „крадење на душата“.

Како и да е, во „тоа примитивно племе“ во Америка без двоумење спаѓаат и Дејвид Духовни и Алек Болдвин.

Многу важна фотографија од Духовни.
Многу важна фотографија од Духовни.

Духовни не е баш решен дека треба да постојат закони што на луѓето ќе им кажат каде да гледаат кога се во јавност (читај: папараците да не смеат да гледаат во ѕвездите). Такво нешто, според него, би ги загрозило граѓанските слободи во целост. А што е со моќните 800-милиметарските леќи на објективите со „голем домет“? Духовни се сложува дека тоа е еден вид „крадење на душата“:

„Ако некој ти пријде толку блиску во живо, тоа може да се смета за напад. Но, не сум сигурен дали очајот на било која селебрити личност вреди доволно за конфискација на граѓанската слобода, генерално…“

Сепак, „…ако можеш да ми влезеш во фаца, а си оддалечен 100 метра и повеќе, не знам што, но мора да има нешто нелегално околу тоа. Ама луѓето имаат право да користат какви камери сакаат, па освен ако не биде наведена некаква навистина добра причина зошто јас би сакал да ограничам нечија слобода, тешко ќе биде да се донесе некаков закон“.

new072414yeahwhatever[1]

Назад на Алек Болдвин (кој на сликава можеме да го видиме како вози точак во 2012-та, мислам вау!):

„Најважното нешто околу сето ова, за мене е тоа што јас не сум официјално јавно лице, јас сум јавна фигура. Има суштинска разлика помеѓу двете, и треба да има таква и пред законот. Јас не го правам законот, јас не ги контролирам агенциите, не ги надгледувам регулативите или владините пари. Тие луѓе, за нив мислам дека е фер (да ги сликаат и следат). Сметам дека кога сакаш да дознаеш како јавните официјални лица се однесуваат – таму мора да има секаков вид на транспарентност…

За јавните фигури, пак, сметам дека ситуацијата навалува многу повеќе кон официјалната страна, а не кон страната на приватно лице – граѓанин. Ти немаш право да знаеш ништо за мене, никакво. Ама во општеството денес луѓето успејаа, медиумите успејаа (изградија цела индустрија од ова) да ја канализираат оваа перверзна врска меѓу селебрити и политиката. Луѓето сфаќаат, свесно или несвесно, дека веќе немаат никаква политичка моќ. Што мислат, што велат, што прават, всушност веќе не е битно. Па така, луѓето ја пренасочија таа импотентност во арената на селебрити и забавата. Тие сакаат нивниот глас да одлучува за нешто. А бидејќи не одлучува за ништо во Албени, и не одлучува за ништо во Вашингтон, тие сакаат да веруваат дека нивниот глас има некаков импакт некаде, било каде. И така сега имаме ситуација во која целото општество е претворено во порота. И сé што тие прават е што изнесуваат мислења, било да се компетентни или не“.

Тешки зборови, ама затоа што ќе да се вистинити. Фрустрациите од политичката ерективна дисфункција некаде мора да се излијат. Некогаш, тоа е Гранд Ѕвезде, или како веќе и да се викаат.

- Реклама -