Најдобрите моменти од НБА „Ол-стар“ натпреварот (видео)

NBA All-Star Game 2016

65-от ревијален натпревар на најдобрите кошаркари од Истокот и Западот во најдробрата кошаркарска лига на светот заврши, а нé остави со низа нови рекорди. Натпреварот помина без многу пролеана пот во одбраната, со победа на Западот и краен резултат 196-173.

Резултатот е нов неприкосновен рекорд: тие комбинирани 369 поени се за 48 повеќе од рекордот поставен на минатогодишниот Ол-стар, со тоа што двата тима надминаа 163 поени, што исто така е рекордно висока бројка за еден од тимовите во досегашните средби.

Освен тоа што постигнаа рекордно висок број поени, играчите од Западот срушија и неколку други никогаш остварени достигнувања. На пример, постигнаа 82 коша од игра, од кои 31 тројка од 80 обиди. Друг рекорд е оној на Расел Вестбрук, кој постигна 31 поен, 8 скокови, 5 асистенции и 5 украдени топки и по втор пат едноподруго беше прогласен за MVP – најкорисен играч на Ол-стар натпреварот, што е прв пат во историјата по Боб Петит од сезоната 1958/59.

Кај Истокот најефикасен беше Пол Џорџ (Индијана), со 41 поен, од кои 9 тројки, учинок што е за поен помалку од рекордот во сопственост на Вилт Чембрлен.

Ова беше и 18-ти, но и последен All-Star за Коби Брајант (10 поени, 6 скокови, 7 асистенции), кој беше и дочекан, и испратен со овации.

- Реклама -