Празник на љубовта – жими г’зов!

relationships-in-the-modern-age

Во „неделата на љубовта“, не може човек а да не помисли околу едно од главните прашања на денешницата: Зошто врските во денешно време се толку тешко остварливи? Зошто толку неуспеси во љубовта, иако се трудиме толку многу? Зошто луѓето одеднаш станаа толку невешти во градење на трајни врски? Заборавивме ли како да сакаме? Или, уште полошо, заборавивме ли што е љубов?

Не сме спремни. Не сме подготвени за жртвите, за компромисите, за безусловната љубов. Не сме спремни да вложиме сé од себе, сé она што е потребно за да функционира една врска. Сакаме сé да ни е лесно. Ние сме Откажувачите. Една сопка, и спремен си сé да фрлиш на буниште. Немаш време да ја чекаш љубовта да порасне, се откажуваш од неа пред да ја има таквата можност.

А уствари ние не ни бараме љубов во животот (освен ПОТСВЕСНО!), туку авантура и возбуда. Ти треба пиче за да гледате филмови или некој манга да те носи по забави, а не некој што ќе те разбере и во апсолутна тишина. Поминуваме време заедно, ама не трупаме спомени. Не го сакаме досадниот живот. Не ни треба сопатник за цел живот, ни треба само некој 3-во-1, некој „инстант“, некој да направи да се чувствуваш жив сега, во овој момент. А кога возбудата ќе одмине, сфаќаш дека никој никогаш не те ни планирал за здодевните моменти.

Не веруваме во убавината на рутината, бидејќи сме душевно болни и ни треба фикс – возбудата на авантурата. Ние сме обични наркомани. Тонеме во безначајните настани на градскиот живот. Немаме време да сакаме, немаме трпение да се занимаваме со длабоки, суштински врски. Извинете, ама ја иам попаметна работа – бркање на материјалистички соништа. Врските ми се само погодност, олеснување.

Бараме инстант задоволство во сè што правиме – во постот што ќе го објавиш на интернет, во кариерата и професијата што си ја избрал, во луѓето во кои си се вљубил… Сакаме зрелост на врската – а таа доаѓа преку времето. Сакаме емоционална врска – а таа се гради со години. Сакаме чувство на припадност – а едвај го познваме другиот. Се понашаме како ништо да не го заслужува нашето трпение и време, а најмалку љубовта.

Ние би радо да потрошиме еден саат на 100 луѓе, отколку еден ден на една личност. Другите ни се „опции“ и „алтернативи“. Ние сме „друштвени“ луѓе. Повеќе веруваме во плитките средби со другите, отколку во запознавање на тоа што го кријат под гардеробата наречена крв и месо. А сме алчни. Сакаме да го имаме сé тоа.

Влегуваме во врски и при најмала привлечност, па си фаќаме џаде во моментот кога ќе најдеме некој подобар. Не се занимаваме со тоа да го извлечеме најдоброто од еден конкретен човек. Не, ние преферираме да го најдеме веќе совршениот човек, пошо ние сме принцови и принцези и не заслужуваме ништо помалку. Па шо ако си фантазираме дека некој е роден специјално за ние да го употребиме на два три наврата? Па така, барајќи го совршениот, излегуваме со многу луѓе, но ретко даваме вистинска шанса на било кој од нив. Ние сме ти, уствари, разочарани од сите.

А технологијата нé зближува – до толку што почнуваат да ни остануваат модрици на вратот од тоа што нé гуши. Физичкото присуство е заменето од текстуални пораки, гласовни пораки, снепчет и видео повици. Не чувствуваме веќе потреба да поминуваме време заедно. И без тоа веќе сме презаситени од другите.

Не ни останаа ни многу теми за муабет. Ние сме генерација на номади и немаме навика да остануваме на едно исто место премногу долго. Фобија од врзување – сакаш ли. Веруваме дека не сме создадени за врски. Не сакаме да вложуваме.

Дури и мислата околу ствариве е застрашувачка. Не можеме да си замислиме да го поминеме животот сами, мада се привикнуваме, ама не можеме ни да си замислиме да го поминеме остатокот од животот со еден човек. Батали тоа; си пакуваме парталите и си одиме.

Ја презираме константноста и монотонијата како да се некакво општествено зло. Сакаме да веруваме дека сме „различни“ од останатите. Сакаме да веруваме дека не се вклопуваме во општествените норми. Да, ние не сме како нашите предци. Ние сме „сексуално ослободена“ генерација. Го разграничуваме сексот од љубовта, или барем така си мислиме. Прво секс, па ќе видиме дали ќе се сакаме. Сексот е лесен, лојалноста – не.

Да легнеш со некого е новото начукување. Го правиш, не затоа што те боли цев за другиот, туку затоа што сакаш да се чувствуваш добро. Тоа ти е, просто, привремено задоволување на една константна и длабока потреба. Сексот надвор од врската веќе не е табу, а и како да биде, кога денешната врска не е ни наменета да ја исполни таа суштинска потреба. Ти не си ја наменил.

А чекај… врска? Што е врска? Веќе не е така едноставно. Сега имаш отворени врски, пријателства со повластици т.е. другарчиња за дупење, секс за една ноќ без обврски, за пари, за беспари… има сé, ама за ексклузивност во љубовта нема место.

Ние сме генерација на логиката. Ние не знаеме како да сакаме лудо, до безумие. Нема будала што ќе се качи на авион и ќе пропатува пола свет само за да го види човекот што го сака. Премногу сме разумни бе брат. Премногу разумни, до степен што си одиме против сопственото добро.

Ние сме генерација на стравот – се плашиш да се вљубиш, се плашиш да се врзеш, се плашиш да не паднеш, се плашиш да не бидеш повреден, се плашиш да не ти го скршат срцето. Не дозволуваш некој да те сака вистински, исто како што не си го дозволуваш и обратното. Ние сме слободни личности, зад затворени ѕидови. Зад сопствените ѕидови. И таму, во нашата осамена тврдина, ја бараме љубовта, без да очекуваме дека ќе ја најдеме. Чат-пат ќе се деси, а ти неспремен и бегаш г’з-преку-глава.

Не можеме да се справиме со тоа. Не можеме да ја поднесеме мислата дека сме ранливи. Не сакаме да покажеме душа пред светот. Ние сме витези и царици, непокорливи, цврсто застанати на нозе и самодоволни. Ламји. Аждаи. Извитоперени заради преголема претпазливост.

А љубовта – што ќе ти? Ги отфрлаш најдобрите луѓе бидејќи има други риби во морето. Ништо од тоа не е свето – сé се само риби. И така, целото море уште еднаш ќе влезе во „неделата на љубовта“ (*кашлам *кашлам) како самопрогласен владетел на сé на светов, освен на она најосновното и најчовечкото – љубовта. А ти ми збориш за еволуција…

- Реклама -