Шах на Олимпијада и зошто не

chess,-hand,-chess-pieces,-silhouette-219344

Дали е шахот спорт? Дали е бриџот спорт? Интернационалниот олимписки комитет дефинитивно ги смета за такви и редовно ги зема во предвид за вклучување во летните олимписки игри, заедно со други маргинални кандидати, како што е скијањето на вода или сквошот. Ниту шахот, ниту бриџот засега не успеваат да го најдат своето место на „Игрите“, ама управните организации што раководат со овие две „спортски“ дисциплини се непоколебливи во инсистирањето кон таквата цел.

Она што боде очи е што и шахот и бриџот се игри, а не спортови, и воопшто не треба да бидат разгледувани. Предусловите се различни. Побарувањата се различни. Да, има многу активности што се и игри и спортови истовремено (тенис и голф, на пример), ама има и спортови што не се игри (скијање и сурфање), па и игри што не се спортови (не лути се човече, шах, игри со карти). Олимпијадата е исклучиво спортски спектакл, па треба да се внимава на дистинкцијата.

Филозофот Лудвиг Витгенштајн еднаш тврдеше дека игрите се нешто непокорливo, оневозможувајќи го играчот да продуцира претходно обмислен сет од неопходни и доволни услови за совладување на концептот. Штета што Витгенштајн не доживеа да го прочита канадскиот филозоф Бернард Свит и неговата книга „Штурецот: Игри, живот и Утопија“, во која нуди и те како едноставен одговор на предизвикот на Витгенштајн: „игрите се доброволен обид да се совладаат пречки што не се неопходни“.

Витгенштајн - слабо му оделе игрите.
Витгенштајн – слабо му оделе игрите.

Идејата на Свит е дека сите игри подразбираат некоја договорена цел (да ги внесете сите пиунчиња во куќичка кога играте „Не лути се човече“ или да го внесете топчето во дупката кога играте голф), како и предодредени произволни рестрикции околу средствата што се дозволени (не смеете да внесете пион во игра ако не ви падне шестка или морате да користите палка, а не смеете да го пренесете топчето во рака и едноставно да го пуштите во дупката).

Од друга страна, Свит потфрла со неговото тврдење дека сите спортови се игри. Спортовите со предодредени произволни правила, како голфот и тенисот, дефинитивно се согласни со неговата дефиниција за игри, но што со слободните активности како скијање и сурфање? Свит се обидува насила да ги смести во неговата дефиниција, фокусирајќи се на правилата што ја создаваат структурата на компетитивните верзии на овие спортови, ама и рекреативното скијање и сурфање, за мнозинството, важат за спортови, дури и кога нема правила што ги претвораат во игри.

Свит се фокусира на правилата до степен што ги промашува и самата поента на спортот. Во негови очи, суштината на спортовите, како и на другите игри, е да се исполни предизвикот поставен од „не-неопходните пречки“ поставени за да го отежнат патот до целта; далеку е од убедлив. Што ќе рече една изрека: „кога нешто не е вредно да го правиш, не е вредно дури ни ако е направено да биде потешко“. Со други зборови, спортот мора да е нешто повеќе од совладување на не-неопходни пречки. И е.

Covjece-ne-ljuti-se[1]
Лајк ако си и ти за „Не лути се човече“ да стане олимписка дисциплина

Вистинската поента на спортовите отсекогаш била апликација на физичките способности. Гордоста околу физичките перформанси е длабоко вкоренета во човековата природа, а луѓето уште од најстари времиња ги величаат физичките таленти и се гордеат при нивната презентација. Па така, спортот е било која активност што ги истакнува физичките способности на виделина.

Дури и кога спортот е игра, како тенисот, основата на активноста лежи во физичката експертиза, а не во структурата на самата игра. Спинуваните бекхенди во тенисот се извонреден потег заради огромната физичка умешност што ја подразбираат, а не заради тоа што ги совладале произволните правила на тенисот кои диктираат како смееш, а како не смееш да освоиш поен.

Токму заради ова шахот не (треба да) е спорт. Да, движењето на фигурите бара физичка енергија, можеби дури и повеќе отколку што е потребна при статични спортови како стрелањето. Меѓутоа, тоа не е областа во која шаховските конкуренти се трудат да бидат добри. Во натпревар по стрелање не можеш да ја дадеш пушката на некој друг што ќе нишани наместо тебе. Но, при пријателски шаховски меч со комшијата, дури и ако немаш раце, можеш да го замолиш тој самиот да ги мрда твоите фигури како што ти замислуваш и пак ќе бидеш ти тој што се натпреварува.

Не дека игрите се помалку важни. Не дека шахот не е едно од најдобрите нешта што човештвото ги измислило и не дека не подразбира извесна ментална генијалност вредна за секаква почит. Ама не е спорт. А Олимпијадата е за спортови.

- Реклама -