Разговор со мигрантите заглавени на грчко-македонската граница

По поставувањето на оградата на македонско-грчката граница, незадоволството, очајот и паниката кај мигрантите заглавени во Идомени – последното грчко село пред граничниот премин, кулминираат. Мигрантите стојат пред 3-метарската ограда, соочени со полицијата, држејќи транспаренти со испишани „Отворете ги границите“ и „Ние не сме терористи“.

Европа останува без конкретен план што да прави со овие луѓе, а во меѓувреме продолжуваат да пристигнуваат се повеќе „воени бегалци“ од Сирија, Ирак и Авганистан. Тензиите се зголемуваат, има судири дури и меѓу самите мигранти од различни националности, а времето секојдневно се влошува. Vice.com зборува со некои од мигрантите заглавени на нашата јужна граница:

Хамид Баба Али, 18, Мароко

1 Роден сум во Казабланка, западно Мароко. Таму завршив училиште, но моите родители починаа и не можев да живеам сам. Имам една сестра, среќно омажена – таа остана дома со нејзиниот сопруг. Но, јас немав пари и немав работа, па решив да дојдам во Европа за подобар живот. Пристигнав во Турција, а потоа отидов на Лезбос. Сакам да одам во Минхен, каде што имам пријатели и семејство, или во Утрехт. Сакам да студирам електромеханичко инженерство. Но, заробен сум овде на грчко-македонската граница веќе 5 дена и не знам што треба да правам сега.

Мохамед Библоб, 33, Бангладеш

2Јас сум од главниот град, Дака. Член сум на опозициската партија, BNP, која ги оспорува изборите од 2014-та. Двајца членови од највисокото членство на партијата беа убиени неодамна. Морав да ја напуштам земјата, бидејќи ситуацијата е многу лоша. Дома ги оставив моите родители, сопругата и двете ќерки. Патував низ Турција и пристигнав во Грција преку Кос. Сакам да одам во Италија, во Рим, бидејќи мојот роднина живее таму и ќе може да ми помогне. Заглавен сум овде 10 дена, без никој да ни каже што ќе се случи.

Аладино Сфакзер, 20, Тунис

3Заглавен сум во Идомени веќе 12 дена, во меѓуграничната зона. Досега платив околу 2.500 евра за да стигнам до оваа точка. Не знам каде ќе одам, ниту каде би живеел добро. Дома, во Тунис, работев во локална радио-станица и бидејќи сакав отворено да го кажувам своето мислење, бев уапсен и тепан. Таквите како нас што зборуваат против системот го добиваат истиот третман. Таму нема слобода и не можев да останам ниту еден момент подолго. Не можам да предвидам што ќе се случи со мене.

Амин Наџафи, 26, Иран

4Заробен сум на границата веќе 10 дена. Тешко е овде – станува толку студено кога врне и немаме сува облека. Живееме во мали шатори кои го пропуштаат воздухот. Во Техеран имав работа и сонував за иднината. Работев како заварувач во фабрика и бев на пат да напредувам во животот. Но, тогаш ја загубив работата, па решив да им се придружам на група мои пријатели на пат кон Европа. Сакам да одам во Германија или Шведска. Немам никој што би ме чекал таму, слушам различни приказни од луѓе што отишле таму пред мене, но за мене единствено важно е да заминам што подалеку од овде.

Фајсал Хасан, 16, Сомалија

5Роден сум во Могадишу и од првиот ден во мојот живот, па до ден денес, сум сведок на цивилната војна и борбите во Сомалија. Моите родители имаа малку пари и ме пратија во приватно училиште, кое беше уништено од акциите на терористичките групи во областа. Ја напуштив земјата заедно со моите сестри – сега јас сум мажот во семејството и сакам да стигнам до Германија за да ги започнеме нашите животи од почеток. Дојдов од Турција во Грција, не се сеќавам на кој остров пристигнавме со бродот. Заробени сме во Идомени цели 12 дена и немаме друга надеж освен оваа.

 

 

- Реклама -