Детски пораки да допрат до сите учесници во сообраќајот

Кампањата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата “Да ги заштитиме децата во сообраќајот” продолжува со уште позасилено темпо.

Освен првично најавените познати личности, порака за зголемување на безбедноста на децата во сообраќајот испратија и познатата манекенка Катерина Ивановска и славниот гитарист Владимир Четкар. Покрај нив, во кампањата свој придонес дадоа и оние учесници во сообраќајот кои што се најзасегнати кога станува збор за истата – децата. Најмалите од детската градинка „Никола Карев” од општината Карпош облечени во флоуресцентни елечиња, црвсто држеjќи ги жолтите табли со пораки до возачите, се прошетаа низ улиците на Карпош и ги упатија до возачите.

Дел од искрените моќни пораки гласеа: „Секое дете заслужува да му се радува на животот”, „Вози внимателно – ти си одговорен”, „Детската љубов нема граници, детскиот живот нема цена”, „Биди совесен возач”… Уште голем број други пораки испратени од дечињата со надеж дека тие ќе допрат до секој учесник во сообраќајот.

Покрај познатите личности и најмалите, кон кампањата се приклучија и основците од О.У. „Димитар Македонски” од скопската населба Лисиче, упатувајки силен апел до сите возачи да бидат совесни и да внимаваат како на нив така и на останатите учесници во сообраќајот.

Од РСБСП истакнаа дека се задоволни од досегашното одвивање на кампањата со надеж дека овие пораки на децата ќе допрат длабоко во свеста на секој возач. Исто така апелираат и до останатите надлежни институции да се приклучат и да дадат свој допринос во оваа кампања, со што заеднички ќе се постигне и крајната цел, односно подигнување на јавната свест на возачите за зголемување на безбедноста на децата како учесници во сообраќајот, а со тоа и намалување на бројот на деца жртви во сообраќајни несреќи на 0.

Оваа кампања организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја приклучува и Република Македонија во светската кампања #safekidslives, која на иницијатива на Обединетите нации се реализира во повеќе од 100 земји низ целиот свет.

- Реклама -