Легендата за Охрид и Билјанините извори

Дали сте знаеле дека според легендата, градот  Охрид го добил името кога самуиловите воини враќајќи се од една тешка битка, изморени и истоштени, качувајќи се по ридот (на кој е денешен стар Охрид) извикувале “Ох, риде; ох, риде”. Со поврзување на овие два збора настанало името Охрид, раскажува  Охрид – визија.

Легенда за Билјанините извори

За бистрата вода на Билјанините извори, народот пропеал многу песни, но само една легенда, прераскажувана до ден денешен која се поврзува и со настанувањето на охридскиот чун. Имено, некогаш во дворецот под езерото кај Студенчишта, живеела вилата Езерка, ќерка на дедо Караорман. Вилата Езерка царувала над езерото и постојано им пречела на рибарите, превртувајќи ги нивните чамци а уловената риба ја враќала во езерото. Таа била многу завидлива и еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Ја однела во својот дворец за да си поигрува со неа. Убавата Билјана цела ноќ плачела од тага и нејзините солзи се претвориле во извори, кои понатаму биле наречени Билјанини извори. Дедо Чун за да ја победи вилата Езерка направил голем чамец. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Вилата Езерка не можела да го преврти овој голем чамец и со него дедо Чун ја спасил убавата Билјана. Така, по дедо Чун големиот чамец го нарекле чун кој по својата лика е единствен на светот.

Легенда за Охридската химна – “Билјана платно белеше”

Во старо време во древниот град Охрид живеела преубавата мома Билјана. Таа била толку убава што сите застанувале да ја погледнат нејзината убавина. Еден ден отишла мома Билјана кај изворите да го бели платното. Откако го избелила платното во бистрите изворски води го пружила на белиот песок да се суши. Тогаш, оттука поминувал караванот со 20 винари. Водачот на караванот под око ја гледал Билјана, вчудоневиден од оваа боженсвена убавина го сопрел караванот пред белото платно. Тогаш мома Билјана им рекла на винарите: “Кротко терајте карванот да не ми платно згазите”. Овие зборови на мома Билјана се вткаени во оваа преубава песна.

“Билјана платно белеше на охридските извори
Ми поминаа винари, винари белограѓани.
Винари белограѓани, да не ми платно згазите,
платното ми е даровно,
за свекор и за свекрва.
Билјано, моме убаво, ако ти платно згазиме
со вино ќе го платиме, со вино лута ракија.
Винари, белограѓани, не ви го сакам виното,
тук ви го сакам момчето што напред тера карванот
и носи кепче над око.
Билјано моме убаво
момчето ни е таксано
за него вино носиме, вино и лута ракија.”

- Реклама -