По серијата слаби резултати на локалните избори, СДСМ се соочува со внатрешни потреси и оставки на високи функционери, што дополнително го отвора прашањето за стабилноста на опозициската партија.
Прва оставка поднесе Ана Чупеска, една од потпретседателките на СДСМ, и тоа уште во изборниот молк пред вториот круг на изборите. Веднаш по завршувањето на изборниот процес, оставка поднесе и Костадин Ацевски, претседател на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров и кандидат за градоначалник на Општината.
Според партиски извори, Чупеска ја донела одлуката поради „суштински несогласувања околу концептот и начинот на работење на партијата“.
Домино ефект во СДСМ
Оставките се случуваат во период кога партијата се наоѓа под притисок за темелна реконструкција по серијата изборни порази, особено по последните локални избори каде СДСМ изгуби значајни општини.
Претседателот на партијата, Венко Филипче, по изборите изјави дека нема намера да поднесе оставка, нагласувајќи дека периодот на неговото раководење е прекраток за да се извлечат конечни оценки.
Но во јавноста расте впечаток дека внатрепартиските тензии се зголемуваат, а најавени се и дополнителни промени во раководните структури во наредните недели.
Која е Ана Чупеска
Родена во 1981 година во Скопје, Ана Чупеска е редовна професорка на Факултетот за политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Таа е доктор по политички науки и магистер по меѓународна политика, со долгогодишно академско и јавно ангажирање.
Нејзиниот научен интерес опфаќа теми поврзани со мултикултурализам, демократија, популизам, авторитаризам и меѓународни односи.
Чупеска е и член на Научниот совет на Европската фондација за прогресивни политики (FEPS) со седиште во Брисел – организација која креира политики за леви партии во рамките на Европскиот парламент.
Авторка е на неколку книги и публикации, како и уредничка во меѓународни академски списанија. Со својата академска тежина и јавно присуство, таа важи за една од највлијателните жени интелектуалки на македонската левица.
Кога интелектот си заминува – СДСМ останува без душа
Заминувањето на Ана Чупеска не е обична оставка – тоа е дијагноза на еден систем што одамна престана да дише со полни гради. Таа е универзитетски професор, доктор по политички науки, интелектуалка со меѓународно признание, и – што е најважно – дел од генерацијата која можеше да ја освежи, прочисти и реформира партијата. Но СДСМ, наместо да ги задржи највредните, си дозволува тие сами да си заминат.
Кога вакви кадри – образовани, млади и со кредибилитет – ја напуштаат опозициската партија, тоа е јасен сигнал дека внатре нема простор за мислење, само за послушност. Таму каде што се замолчува критиката, а се наградува партиската дисциплина, нема реформа – има стагнација.
СДСМ одамна го загуби контактот со реалноста. Партијата што некогаш беше симбол на прогресивност денес изгледа како институционален музеј во кој времето застанало, а идеите скапуваат зад затворени врати. Ако Ана Чупеска не можела да се избори за својата визија, што останува за сите други кои сè уште се надеваат на промена?
Токму вакви луѓе се потребни за да се обнови левицата – не како партија на функции, туку како движење на вредности. СДСМ нема да се спаси со замена на лидери, туку со целосна реконструкција на политичката култура.
Додека не се отворат прозорците и не се пушти свеж воздух, младите и способните ќе си заминуваат – еден по еден.
А кога интелектот си оди, остануваат само послушноста и празните пароли.
А тоа не е опозиција – тоа е само продолжен мандат на истото.
Партијата на крстопат
Политичките аналитичари оценуваат дека оставката на Чупеска има симболично значење – таа доаѓа од универзитетската интелектуална средина и важеше за „реформски глас“ во СДСМ.
Нејзиното заминување се толкува како показател дека дел од новите кадри не успеале да се вклопат во старите партиски структури и дека СДСМ се наоѓа пред сериозна кадровска и идеолошка прекретница.




