Значајните наоди од македонскиот локалитет Таранеш на изложбата „Атила“ во Будимпешта – Вечер …1963

Националниот археолошки музеј на Македонија, со извонредните наоди од археолошкиот локалитет Таранеш во Дебарско, ќе учествува на значајната меѓународна изложба „Атила“. Изложбата ќе биде отворена за јавноста на 23 јануари во Унгарскиот национален музеј во Будимпешта и ќе трае до 12 јули 2026 година.

– Нашиот музеј ќе се претстави со исклучително значајни предмети од гробот откриен на локалитетот Таранеш, позната по своите обилни наоди од доцната антика. Изложбата обединува повеќе од 400 артефакти од 64 музеи во 13 различни земји, вклучувајќи бројни водечки европски институции. Оваа изложба е најзначајна посветена на Атила во Европа во последните децении. Со своето учество, Националниот археолошки музеј допринесува за интернационалната приказна за културното наследство од времето на Хуните. Во поставувањето на артефактите учествуваше тим од стручни лица, вклучувајќи ги комесарот на изложбата, Радомир Ивановиќ, и виш конзерватор, Емилија Димковска. На денот на распакувањето на предметите, присуствуваше и унгарскиот министер за култура и иновации, Балаш Ханко – истакнаа од Националниот археолошки музеј во Скопје.

Од музејот во Будимпешта нагласуваат дека изложбата го истражува односот помеѓу митот и реалноста за Атила, во контекст на археологија, историографија, уметност, антропологија и археогенетика, создавајќи уникатен мост помеѓу споменот на легендарниот хунски водач и денешната култура.

Прочитајте и:  Пенков: Владеењето на СДС предизвика значајни последици во земјоделството

– Привремената изложба што се одржува во музејот го оживува ликот и митовите за Атила, презентирајќи околу 400 уметнички богатства од хунскиот период до денес. Ова е прва невидена изложба, организирана во соработка со унгарската фондација „Туран“, а по повод неа ќе се одржи и меѓународна конференција насловена „Нови резултати од европските Хуни и степската археологија“, која ќе се осврне на сеќавањето на Хунската Империја предводена од великиот Атила.

Таранеш, археолошкото наоѓалиште во село Селокуќи, претставува населба и некропола од римско и доцноантичко време. Локализирано е на северната периферија на селото, меѓу реките Црн Дрим и Поповска Река. Во 1982 година е спроведено заштитно ископување, при што е откриен гроб во форма на циста, каде се пронајдени предмети како златна крстовидна фибула, сребрена позлатена чинија, сребрен ѓум, прибор за пишување, коскени жетони за игра, чаша дијатрета, две вретенести фиоли, железна секира и други сребрени предмети. Најпознатиот артефакт од наоѓалиштето, дијатретата, не ќе биде дел од оваа изложба.

Оваа изложба е одлична можност за споредба на различни перспективи, поставување прашања и развој на нова соработка. (Д. Т.)