„Ова е мала ретроспектива на нејзиното дело. Жанета Вангели е уметник кој ја живее уметноста во сите аспекти од својот живот. Идејата за нејзината изложба се појави минатата година, по четири децении продуктивно создавање, со ниво на признание како во европските, така и во светските кругови. Вечерва, тука се изложени дела помали по формат, но секое од нив носи записи како цел еден роман“, истакна директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров.
Овој ликовен концепт е реализиран во соработка со Националната галерија на Македонија од Скопје, претставувана од кураторката Маја Крстевска заедно со Васко Шутаров.
„Ова е еден опус од нејзиното четиридецениско творештво. Оваа изложба не е репродукција на онаа од минатата година во Чифте Амам; туку е избран опус насловен ‘Архивски документи’ и претставува пресек во минијатурен формат. Делата се изработени од плексиглас специјално за оваа изложба и во мултимедијална визија“, нагласи Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител при Националната галерија на Македонија. Таа додава дека со своите дела Вангели „ја повикува публиката да го почувствува сегашниот момент преку проекција на сопственото доживување“.
Изложбата „Архивски документи“ е нејзино прво самостојно претставување пред српската публика и вклучува 41 дело. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а белградската публика ќе може да ја разгледа изложбата до 6 мај.

Жанета Вангели е редовен професор на Факултетот за ликовни уметности на Катедрата за сликарство и мултидисциплинарни студии од 2008 година, а во 2003 година била македонски претставник на Венециското биенале. Присутна е во македонската, европската и светската уметничка сцена цели четири децении, а нејзините дела се изложувани на сите континенти, на групни и самостојни изложби.




