Зголемувањето на платите и капитализацијата на здравствените работници е доказ дека го цениме нивниот труд и посветеност.

На денешната трибина во Штип, под наслов „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“, се обрати Игор Мерџаноски, член на Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ и директор на ТОАРИЛУЦ. Тој ја истакна важноста на вложувањето во здравствените работници како клучен елемент за зајакнување на здравствениот систем, посочувајќи дека тоа се одразува преку покачување на платите и вреднување на трудот и посветеноста на медицинскиот кадар.

„Како можеме да го зајакнеме здравствениот систем одвнатре? Преку инвестиции во здравствениот кадар. Без мотивирани здравствени работници, ни силен систем, ни задоволни пациенти, ни доверба во здравството не може да постои. Постигнавме историски договор за зголемување на платите во здравството, каде во следните четири години, платите на здравствените работници ќе се зголемат за 50%. Ова не е само бројка – тоа е директно признание за нивниот труд, посветеност и одговорност. Од април оваа година, успешно реализиравме и зголемување на капитациониот бод за матичните лекари, стоматолози и гинеколози. Ова е прв пат по долго време да им се обезбеди значајна поддршка на оние кои се најблиску до пациентите – матичните лекари“, изјави Мерџаноски.

Тој додаде дека со направените чекори се создаваат услови младите да останат да работат во Македонија, инвестирајќи во подобри услови и здравствени услуги, што значи изградба на посилен здравствен систем.

„Голем поттик за младите да останат да работат тука, подобрена работна средина и, што е најважно, подобра здравствена услуга за сите граѓани. Овие чекори претставуваат инвестиции во доверба, стабилност и квалитет. Инвестирајќи во луѓето кои спасуваат животи, ја враќаме достојноста на медицинската професија и им покажуваме на младите дека иднината е овде, во нашите болници, клиники и амбуланти. Но, ова е само почеток – долгорочна стратегија за посилен здравствен систем“, заклучи Мерџаноски.