Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во интервју за емисијата „Аграр“, нагласи дека со кампањата „Македонско најдобро“ се истакнува значењето на македонските производители на храна, а истовремено се придонесува за зголемување на производството на квалитетни земјоделски производи. Оваа иницијатива има за цел да ја поддржи домашната економија, да ги зачува работните места и да го зајакне националниот идентитет.
„Клучот е во зголемувањето на количината на земјоделското производство. Земјоделците ќе бидат задоволни, бидејќи поголемата продадена количина по единица цена значи поголем приход. Ова важи не само за домашниот пазар, туку и за извозот на земјоделските производи“, рече Трипуновски.
Тој истакна дека, според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот од јануари до октомври 2025 година, во споредба со истиот период во 2024 година, извозот на земјоделски производи е зголемен за 5,5 проценти, што укажува на пораст во земјоделското производство во државата.
„Во вториот и третиот квартал забележуваме значителен раст во откупот и продажбата на земјоделските производи“, додаде тој.
Министерот Трипуновски најави дека во наредниот период ќе се работи на мерки и политики за 2026 година да биде уште поуспешна од 2025 година, нагласувајќи дека македонските земјоделски производи се квалитетни и заслужуваат место на европските и светските полици. „Податоците за извозот се охрабрувачки и претставуваат дополнителен мотив за уште поголема посветеност“, заклучи министерот.




