Директорот Мемеди вели дека на Клиниката се работи со полн капацитет и оти се обидуваат максимално да направат правилна тријажа и потешките пациенти да ги задржат на болничко лекување
Зголемен број на пациенти со респираторни и цревни инфекции има на Детската клиника во овој период, вели директорот Реџеп Мемеди.
Според Мемеди, во овој период од годината доминираат сезонските вируси што се сè почести.
„Вака е скоро секоја година во овој дел од годината. Имаме зголемен број на пациенти со респираторни симптоматологии и цревни инфекции кои се третираат на нашата клиника и ја добиваат потребната нега“,
рече Мемеди денеска одговарајќи на новинарски прашања околу состојбата со бројот на заболени.
Тој вели дека на клиниката се работи се полн капацитет и оти се обидуваат максимално да направат правилна тријажа и потешките пациенти да ги задржат на болничко лекување.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 30 декември 2024 до 5 јануари годинава има зголемен бројот на заболени од грип. Од вкупно 331 заболени, 101 се деца на возраст од 5 до 14 години и 42 деца на возраст од 0 до 4 години.
Денеска на Детската клиника, при промовирањето на нова опрема – инкубатор, бебитерми и перфузори, наменети за Одделот на неонатологија, присутен беше и министерот за здравство Арбен Таравари, кој во одговор на новинарско прашање околу исправноста на рентген апаратите низ здравствените институции рече дека според неговите информации повеќето функционираат.
„Скоро и да нема болница низ државата каде што нема рентген. Се согласувам со тоа дека повеќето пациенти, тие што треба и не треба, се испраќаат на Клиниката за педијатрија. Децентрализацијата што веќе го промовираме во јавниот здравствен систем е во тој правец. Значи, повеќето пациенти кои може да се третираат во внатрешноста на државата се третираат таму“,
рече Таравари.
Тој упати апел до матичните педијатри да не ги испраќаат сите свои пациенти на Детската клиника ако не се итни.
„Матичните педијатри да не ги испраќаат сите свои пациенти кои не треба да доѓаат на педијатрија. Тие што се неопходни апсолутно ќе треба да бидат испратени. Меѓутоа разгледуваме најдобра можност со која што повеќето пациенти кои може да се третираат во внатрешноста, да бидат третирани таму, бидејќи впечаток е на сите меѓутоа и бројките од ’МојТермин’ покажуваат дека матичните и терцијалното здравство доста работи. Во секундарното здравство имаме доволно доктори, а недоволен број на третирани пациенти од нив. Мора да најдеме начин како да задржиме поголем број пациенти кои ќе бидат третирани таму“,
рече тој.
На новинарско прашање дека нема дежурни педијатри по поликлиниките, Таравари нагласи дека само во еден или два здравствени домови нема педијатри.
„Можеби во Здравствен дом некаде може да нема, меѓутоа во повеќето населени места мислам дека постојат педијатри и работат. Можеби каде што немаат двајца-тројца радиолози, педијатри. Ако зборуваме за Скопје, јас колку што знам само во еден или два здравствени домови нема педијатри. Секако дека треба да има дежурства за рентген, меѓутоа и во институциите во здравствените домови има рентген апарати, да не го заборавиме тоа“,
рече Таравари.