Земјоделството и производството на тутун се витални сектори, регулативата не смее избрзано да се заострува

Стручната јавност и бизнис заедницата предупредуваат дека во земјава не е
препорачливо да се оди со избрзани и ригидни решенија за заштита од пушењето, исто
како што не се советува рестриктивните мерки да се копираат од други држави,
особено од оние каде што тутунската индустрија нема ни оддалеку такво значење и
традиција како во Македонија. Одгледувањето на оваа земјоделска култура и
производството на производи од тутун кај нас се голема ставка во националната
економија, па ригорозното заострување на регулативата може да доведе до
далекусежни негативни последици.

Земјоделството традиционално е една од клучните и витални гранки на домашната
економија, а од исклучително значење е неговата улога во креирањето на бруто-
домашниот производ на земјава, но и во сегментот на вработеноста и извозот.
Релевантни економски анализи и истражувања покажуваат дека во последниве неколку
години земјоделскиот сектор учествува со 6 до 9 проценти во БДП на Македонија,
обезбедувајќи солидни приходи и егзистенција за значаен дел од населението, особено
во руралните средини. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во
2024 година секторот земјоделство, шумарство и рибарство учествувал со 6,1 отсто во
структурата на националната економија, достигнувајќи вредност од 58,65 милијарди
денари. За тоа колку е големо влијанието на земјоделството како економска и социјална
категорија, доволно говори податокот дека во 2022 година овој сектор вработувал дури 11
отсто од вкупната работна сила во земјава.

Во рамки на аграрниот сектор, пак, производството на тутунот со децении има посебно
место, со учество од околу 30 проценти. Македонија е водечки производител на тутун во
Југоисточна Европа, но и еден од најзначајните 30 производители во светски рамки,
заедно со Турција, Грција и Бугарија, каде тутунската индустрија има долгорочна култура и
егзистенцијално значење за локалните заедници. Во последниве години во земјава
просечно годишно се произведуваат меѓу 24 и над 26 илјади тони тутун, на површина од
околу 15 илјади хектари, што претставува околу 14 отсто од европското и 0,4 отсто од
светското производство на овој земјоделски производ.

Според податоците на Министерството за земјоделство, во реколтата 2024/2025 година,
биле откупени над 24,3 илјади тони тутун, што е раст од околу 60 проценти во однос на
претходната реколта. Тоа е потврда дека овој сектор дополнително зајакнува, а голем
број земјоделски семејства и рурални општини и натаму се потпираат на
тутунопроизводството како основен извор на приходи.

Тутунот е и најзначајниот земјоделски извозен производ на земјава, со учество од над 20
проценти во вкупниот извоз на агро-прехранбени производи. Во светски рамки
Македонија е меѓу првите 20 извозници на суров тутун, остварувајќи минатата година 150
милиони долари прилив од извозот на оваа земјоделска култура. Рекорден извоз од 160
милиони долари, пак, бил остварен во 2019 година, што ја потврдува извозната
ориентација на индустријата, но и нејзината стабилност на приходната страна.

Покрај примарното производство, тутунската индустрија има и силен ефект врз
националната економија. Тоа најдобро го потврдува податокот што во 2021 година таа
учествувала со 2 до 2,5 отсто во БДП на државата, а обезбедувала поддршка за над 10.000
лица и нивните семејства. Производството на класични цигари и други тутунски
производи е важен сегмент од преработувачката индустрија, со стабилно присуство и на
домашниот, и на странските пазари. Мора да се спомене и приливот кој тутунската
индустрија секоја година го „инјектира“ во националната каса, а податоците говорат дека
на база на фискални давачки, односно акцизи и даноци, од оваа индустрија годишно се
слеваат околу 280 милиони евра во државниот буџет.

Показателите од изминатиот период недвосмислено покажуваат дека сите планирани
промени на регулаторната рамка што се однесуваат на тутунската индустрија, мора да се
разгледуваат и подготвуваат многу внимателно и на база на сериозна кост-бенефит
анализа. Ригорозно заострување на мерките за забрана на пушењето, без притоа
паралелно да се направат здрави економски анализи за предностите, но и за слабостите,
би можеле да имаат последици врз целиот синџир на поврзани дејности, стартувајќи од
примарните производители на тутун, преку преработувачката индустрија, па сѐ до
извозниците и малите трговци.

Искуствата од други држави покажуваат дека доколку не се овозможи транзициски
период и веднаш се воведат нагли и рестриктивни мерки, тоа може да доведе до
намалување на легалната продажба, раст на нелегалната трговија, како и губење на
работни места и пад на буџетските приходи. Особено за држави како што е Македонија,
каде што тутунот учествува со значаен удел во земјоделското производство и во извозот,
се зголемува ризикот не само од краткорочни негативни ефекти, туку и од долгорочни
економски и социјални импликации.

Само за илустрација, Словенија, која во минатата година воведе еден од најригорозните
закони за заштита од пушењето, по чиј модел се темели и најновиот предлог на закон
против пушењето во Македонија, имаше период на транзиција од дури 20 години пред
воспоставувањето на целосна забрана. Дополнително, станува збор за држава во која
нема производство на тутун, ниту фабрики за цигари и оттаму тутунската индустрија во
целина има занемарливо влијание врз економскиот развој на земјата.

Од тие причини, домашната стручна јавност, но и голем дел од бизнис заедницата,
укажуваат дека во земјава ќе биде неопходен поизбалансиран пристап, кој секако дека ќе
ги земе предвид јавните здравствени цели, но нема да ја изостави ни реалната економска
улога на тутунската индустрија и на илјадниците семејства кои од неа зависат. Сугестиите
се во насока дека мора да се оди постепено и со инклузивен дијалог со сите чинители, но
и да се имаат предвид сите податоци и анализи, со цел да се обезбеди одржлива
политика, која нема да го наруши економскиот и социјалниот баланс на државата.