Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад падна затоа што сите руски војници се префрлени во Украина, 800.000 на број, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, на средбата со премиерот на Естонија – Кристен Михал, во Киев. Тој повторно побара помош од Западот, но и светот, посочувајќи дека на глобалната сцена исходот од војната во Украина е клучен.
„Зошто ни е потребна помош и доверба од нашите партнери? Зашто гледаме што е Украина и што е војната во Украина. Гледаме дека режимот на Асад падна зашто таму навистина нема моќни руски трупи. Сите се префрлени во Украина, сите скоро 800.000 руски војници се на територијата на Украина. А тоа укажува дека војската на оваа псевдо-империја денес се бори против украинскиот народ“, рече Зеленски.
Тој напомена дека другите земји мораат да сфатат дека силата на Украина зависи од тоа дали војската во Русија е силна, додавајќи дека „целокупниот успех на светот лежи во обединувањето околу Украина“.
„Ако Украина падне, Путин ќе се врати во Сирија, Африка и многу други земји“, додаде Зеленски.
Во однос на завршување на војната, украинскиот претседател се заложи за дипломатско решение и предложи распоредување на странски/западни војници во Украина се до членство на земјата во НАТО.
„Украина сака завршување на оваа војна повеќе од било кој друг. Нема дилема, дипломатско решение би спасило повеќе животи. Тежиме кон тоа“, рече Зеленски за новинарите.